Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пад на странските инвестиции од 38 милиони евра споредбено со лани

Пад на странските инвестиции од 38 милиони евра споредбено со лани

Вкупното салдо на странските директни инвестиции заклучно со октомври изнесува скоро 116 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Споредено со истиот период лани кога странскиот капитал изнесувал 154 милиони евра, има пад на инвестициите од 38 милиони евра.

Во октомври месец е регистриран и одлив на капитал во износ од 17,6 милиони евра. Во октомври лани странските директни инвестиции изнесувале 9,3 милиони евра.

Во исто време, странските инвеститори што веќе работат во Македонија, оделале надвор од земјата 152,9 милиони евра дивиденди. Економистите веќе предупредија дека актуелната политичка криза ќе го стопи салдото на странските инвестиции.

Од друга страна, анализирано по земји, и во третиот квартал најмногу странски капитал или 36,3 милиони евра влегол од Сент Винсент и Гренадини, потоа од Германија 24,2 милиони евра и од Швајцарија 20,4 милиони евра.

Ако се направи анализа за последните пет години, податоците од НБМ покажуваат дека инвестициите од Сент Винсет и Гренадин биле најголеми во 2010 година или близу 47 милиони евра и во 2011 година скоро 45 милиони евра. Во 2012-та и 2013-та година е забележан одлив на капитал во вкупен износ од близу 37 милиони евра по основ реинвестирање на добивка, сопственички капитал, должнички инструменти. Вредноста на инвестициите од Сент Винсет и Гренадин лани била скоро 27 милиони евра.

Според Владата странските директни инвестиции влијаат врз зголемување на извозот, економскиот раст, отворање на нови работни места. Проекциите на Владата се дека годинава прливот на СДИ ќе биде помеѓу 240 и 410 милиони евра, што според економистите тешко можат да се остварат. Но наспроти мерливите податоци, нето ефектите сеуште се тешко мерливи.

Се зголемува вработеноста, но за сите вработени придонесите се плаќаат од буџетот, односно се на товар на македонските даночни обврзници. Пораст има на извозот, но во исто време расте и увозот на репроматеријали потребни за производството во зоните, а на нив не се плаќа царина. Последните податоци од Народната банка за основни економски показатели, покажуваат дека во првиот квартал од годинава учеството на странските директни инвестиции во БДП било 3,1 отсто, а во вториот квартал 2 отсто.

И покрај низата поволности што Владата им ги нуди на странските инвестиции, Македонија во регионот заостанува по учеството на СДИ во бруто домашниот производ, кое во некои земји од регионот достигнува и до 10 отсто.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести