Пад на капиталните расходи и на инвестициите!
Трендот на раст на економијата од лани се прелеа и во првиот квартал од годинава, но последното тромесечје од 2014 та година заврши со економски раст од 2,7%, што е пониско ниво од она што беше планирано, се посочува во новиот извештај на Народната Банка. Во исто време НБРМ нотира дека во првите два месеци е регистрирано забавување на инвестициската активност но и пад на буџетските капитални раходи, ставка која се смета за развојна во однос на економијата.
Повисоките плати, пензии и приватните трансфери ја крепат економијата?
И во првите три месеци од годинава е регистриран раст на економијата, кој главно е поддржан од натамошен раст на лична потрошувачка, со голем удел од повисоките пензии и плати, посочуваат од Народната Банка.
“Расположливите показатели за агрегатната побарувачка, во најголем дел, упатуваат на раст на економијата и во првиот квартал на 2015 година, што е во склад со очекувањата од октомвриската проекција.Според податоците за личната потрошувачка,се очекува продолжување на нејзиниот раст во првиот квартал на 2015 година, при позабрзан годишен раст на реалните плати и приватните трансфери, како и раст на исплатените пензии“, нотира извештајот на НБРМ.
Но во исто време, аналитиката на Народната Банка посочува дека е заблежан пад на приходите од ДДВ:
“Од друга страна, годишен пад бележат увозот на стоки за широка потрошувачка и нето приходите од ДДВ“
Според податоците, пад е забележан во сектoрот градежништвото, во делот на вредноста на извршените градежни работи во јануари, потоа кај буџетските капитални расходи бил забележан пад во првите два месеца од годината, а намалување имало и кај увозот на производи за инвестиции (мал пад во јануари, наспроти двоцифрениот раст во претходниот квартал), по што Народната банка заклучува
“Овие податоци упатуваат на забавување на инвестициската активност во првиот квартал од годината“.
Во четвртиот квартал на 2014 година реалниот годишен економски раст изнесувал 2,7%, и е понизок од очекуваниот според октомвриската проекција, на ниво од 3,1%.
“Од производна страна поволни движења беа регистрирани кај речиси сите економски сектори, а најголем придонес кон растот на економијата имаа градежништвото и индустријата, додека од аспект на побарувачката, зголемувањето на БДП е резултат на растот на извозот и повисоката домашна побарувачка (при раст на потрошувачката на домаќинствата и инвестициите), што истовремено беше проследено и со порастот на увозот од странство“, се вели ви извештајот на НБРМ и се додава:
“Податоците за првиот квартал на 2015 година упатуваат на раст на домашната економија, при продолжување на позитивните остварувања кај најголем дел од економските сектори. Во периодот јануари - февруари 2015 година индустриското производство оствари просечен раст од 2,1% а помеѓу секторите со најголем придонес кон растот се вбројуваат производствените капацитети во ТИРЗ, (пред сè производството на моторни возила, приколки и полуприколки), производството на облека и енергетскиот сектор, додека сектори каде што е регистриран позначителен пад на производството се рударството и неметалните минерали“.
Само во првите два месеци од годинава од финансиската сметка биле одлеани 73,2 милиони евра, наспроти очекувањата со октомвриската прокеција за нето-приливи. Овој трен бил резултат на одлив по основ на заеми.
Д.А.
Слично
