Пад на добивката од речиси 50% за Македонски Телеком и Т-Мобиле
Нето добивката на групацијата на Македонски Телеком и Т-Мобиле во 2013 година изнесува две милијарди денари и е за 47,3% помала во однос на претходната 2012 година, соопштија од компанијата.
Приходите од продажба на ниво на Групација изнесуваат 12,4 милијарди денари што претставува намалување од 9% во споредба со 2012 година. Оперативните трошоци се намалија за 5,2%, додека вкупните капитални инвестиции (CAPEX), изнесуваат 3,2 милијарди денари.
Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком останува силен лидер на пазарот со 69,0% удел во сегментот на фиксна телефонија и 52,5% во широкопојасен интернет, објавуваат од компанијата.
Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксната телефонија, што е тренд и на европско ниво, приходите од Интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемија за 6,1%,во споредба со истиот период од минатата година. Бројот на корисници на IPTV на крајот на 2013 изнесува 88 илјади, што е пораст од дури 32,6%.
„Големиот пораст на приходите на полето на интернет и IPTV, лидерството на ТВ пазарот, каде влеговме како предизвикувачи на доминиран пазар, зборува за нашата силна определба да бидеме иновативни и секогаш свртени кон новите трендови и текови, но и да вложиме во нив. Токму ова го надминува падот на говорните услуги и ја докажува нашата лидерска позиција и довербата на корисниците“, изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за дури 7,8% со што корисничката база на крајот од 2013 година е 186 илјади DSL корисници. Бројот на корисници на фиксната телефонија на крајот од 2013 година е намален за 8,5% во споредба со 2012 година, со што корисничката база изнесува 267 илјади корисници.
„Приходите од класичните услуги, како што се говор и СМС опаѓаат, тоа е светски тренд и ги погодува сите телекомуникациски компании. Силната конкуренција, исто така, придонесува за постојан пад на цените и намалување на приходите. Но, сепак и покрај негативните трендови, Т-Мобиле останува број еден на македонскиот пазар, што зборува дека нашата стратешка посветеност на супериорноста на мрежата и на иновативните услуги на новата генерација е во вистински правец“ – изјави Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија.Во мобилната телефонија, Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот со удел од 47,5% (според интерна проценка) и вкупно 1,2 милиони корисници. Приходите од говорни мобилни услуги во 2013 година се намалени за 15,5% како резултат на намалувањето на тарифите. Но, како резултат на зголемената побарувачка на мобилен интернет, но и намалениот број на испратени СМС пораки, приходот од неговорните услуги има зголемување од 1,5%.
Слично
