Пациентите можеби не откажуваат термини, ама лекарите доцнат на преглед!
Вкупно 162 доктори најмалку три пати месечно доцнеле на прегледите закажани преку „Мој термин“, објави Министерството за здравство.
Анализата на податоците покажала најмногу доцнења кај Психијатрија (22 доктори од горенаведените 162), Акушерство и гинекологија (15), Интерна медицина (14), Офталмологија (14), Ортопедија (11), Педијатрија (11).
Министерот за здравство Никола Тодоров, кој неодамна ги критикуваше пациентите затоа што не ги откажувале закажаните прегледи преку „Мој термин“, сега најавува дека против лекарите ќе поведува прекршочна постапка.
„Oвие податоци ќе ги доставиме до сите директори на јавните здравствени установи со барање во рок од 3 дена да отпочнат прекршочни постапки за дисциплинска неуредност за секој од докторите. Во рок од 7 дена, директорите треба да не информираат дека е поведена постапка и во кој рок постапката ќе биде завршена“, вели Тодоров.
По установи, докторите најмногу доцнат во Општата болница Дебар - дури 28 отсто од докторите закасниле повеќе од еден час најмалку три пати во месец септември, потоа Универзитетската клиника за неврохирургија со 20 отсто од докторите и Општата болница во Струмица со 19 отсто од докторите кои прегледите ги започнале со задоцнување од најмалку еден час.
Апсолутен лидер е специјалист по трансфузиона медицина од Крива Паланка - од 20 дена во амбуланта во месец септевмри, задоцнил со преглед повеќе од еден час во 15 дена.
„Со доцнењето на првиот закажан преглед во денот (повеќе од еден час), автоматски се поместуваат сите останати закажани термини во текот на денот, а тоа негативно се одразува и врз пациентите кои се оставени да чекаат, и врз ефикасноста на работа на докторот. Покрај тоа, треба да се има предвид дека пациентите многу често земаат отсуство од работното место за да отидат на закажаниот преглед, така што со доцнењето на докторот може да го надминат ограниченото време. Генерално, оваа појава предизвикува девалвација на системот и токму затоа имаме обврска да преземаме мерки да ја спречиме“, рече Тодоров.
Тој најави дека секој месец редовно ќе ги објавува податоците за доцнењето на лекарите и ќе бара казни за лекарите кои не го почитуваат времет на пациентите.
Слично
