Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОЗДРАВЕВМЕ ЛИ ОД КОРОНА КРИЗАТА - бројката на невработени се намали за 25 илјади во однос на најстрашниот месец

ОЗДРАВЕВМЕ ЛИ ОД КОРОНА КРИЗАТА - бројката на невработени се намали за 25 илјади во однос на најстрашниот месец

Октомври е осмиот месец по ред во кој се намалува невработеноста во земјава, говорат најновите податоци на Агенцијата за вработување. Односно, во октомври биле регистрирани 134.219 невработени, што е намалување за нови 1.386 невработени во однос на еден месец претходно.

Значи ли ова дека попуштаат економските стеги од кризата и дека се стабилизира пазарот на труд во земјава. Ваков заклучок веќе и ќе може да се изведе, ако се има предвид дека почнувајќи од февруари годинава па наваму, секој месец има спуштање на бројот на невработените, а добро е што тој тренд продолжил и во октомври.

Всушност, во февруари годинава бил пикот на невработени лица, односно тогаш нивната бројка била најголема и изнесувала 159.608 невработени.

Но, оттогаш наваму, во изминативе осум месец бројката на невработени се намалува, па падот на бројот на невработени сега, во однос на најлошиот месец од коронакризата, вкупно достигнал 25.389 граѓани.

Сепак, Агенцијата за вработување и натаму оперира со податокот дека околу 16 илјади луѓе останале без работа поради кризата со ковид 19.

„Со состојба на 31 октомври 2021 година евидентирани се 16.079 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид“, се вели во напомената од Агенцијата.

Оваа и слична бројка од околу 17 или 16 илјади изгубени работни места од ковид кризата Агенцијата ја презентира уште од нејзиниот старт, па нејасно е како тука се уште нема промени.

Сепак, ако се погледне колку изнесувал бројот на невработени пред пред мерките за заштита од ковид кризата, ќе се види дека во март лани имало 107.732 невработени во земјава. На тоа ниско ниво на број на луѓе што бараат работа, од 107 илјади, па и на околу 100 илјади граѓани колку што изнесуваше во претходните месеци, се уште не можеме да се вратиме, и после година и половина откако беа воведени првите рестриктивни мерки.

А бројката на невработени во земјава нагло скокна во април лани , достигнувајќи 114.762 лица, или повеќе за над 7.000 лица.Потоа во мај невработените продолжуваат драматично да растат, достигнувајќи 121.187 лица, а во јуни доживеавме нов драматичен скок, на 133.455 невработени граѓани, тренд кој не сопре ни во јули, месец во кој бројот на невработените се искачи на 141.777 невработени.И во следните месеци растеше бројот на невработени, но тука некаде веќе се намали темпото на раст, односно тоа забави, што се совпадна со владините мерки од неколкуте економски пакети, а со кои се даваше финансиска поддршка на работодавачите за секое варботно место, но тие беа условувани одреден период да не ги отпуштаат вработените.Потоа во август бројката била повторно поголема, така што месецот завршува со 144.759 невработени. Во септември следува повторно посеризно зголемување, искачувајќи го бројот на невработени на 151.359 лица, а во октомври имаме ново зголемување, на 153.799 невработени лица. На 155.218 невработени бројката се искачува во ноември, за декември и целата година да завршат со 156.432 невработени лица.

Како се движеше состојбата со невработеноста во оваа година?

Во јануари растот продолжил, и бројот на невработени лица изнесуваше 158.601 невработен, а во февруари се достигнува пикот од 159.608 невработени.

И веќе во март имаме позитивна пресвртница, односно бројот на невработени доаѓа до 145.327 невработени, што значи дека за само еден месец имаме намалување на бројот на невработените за 14.281 граѓани.Тренд на постепено намалување продолжува и во април и во мај, за на крајот на јуни годинава да имаме 140.674 невработени.

Во јули, август и септември бројката на невработени продолжува да се намалува за по околу илјада граѓани, а сличен е трендот и во октомври, кога достигнавме 134.000 невработени.

Дали овој тренд ќе продолжи и бројката ќе се симне пак до околу 100 илјади невработени како што сме имале пред корона кризата, или, пак, може да се очекува и раст доколку корона бројките продолжат да бидат лоши и да доведат до построги рестриктивни мерки, особено такви кои би биле неповолни за бизнисот, останува да видиме во наредниот период.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести