Овој оператор е лидер по бројот на претплатници на интернет
Пазарот на електронски комуникации има приход од повеќе од 280 милиони евра.
Најголем удел има Македонски Телеком од 39,86%, а зад него се оне.ВИП 30,75%, Роби 15,17%, Мултимедија Нет 1,30%, Кабел Нет
1,27%, Инел Интернационал 1,26%, Неотел 1,00%, Кабле Калл 0,97% и Останати
8,42%“, пишува во извештајот.
Вкупните приходи на пазарот на електронски комуникации лани изнесувале 17.297.466.000 денари или 281,2 милион евра, односно имаат раст од 0,34 проценти во споредба со 2017 година. Ова го покажуваат податоците во годишниот извештај за развој на пазарот на електронски комуникации за 2018 година, што го објави Агенцијата за електронски комуникации на официјалната веб-страница.
1.969.109 имало лани активни претплатници во мобилната телефонија, или за 1,94 процент помалку споредено со претходната година кога се регистрирани 2.008.008 претплатници.
Лани се регистрирани 427.964 претплатници на широкопојасен интернет (без претплатници преку мобилни мрежи), што е за 7,99 проценти повеќе во однос на претходната година. Кај претплатниците на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2Г/3Г/4Г) бројот на претплатници пораснал за 6,46 проценти.
За 4,47 проценти е зголемен бројот на фиксни линии во сите технологии и тие во 2018 година изнесувале 38.901 наспроти 366.529 во 2017 година. Зголемен е и бројот на претплатници на ТВ-услуги за 2,74 проценти во 2018 во однос на 2017 година, при што се регистрирани 405.167, односно 394.376 претплатници.
