Овие категории патници нема да минуваат ЕЕС контрола на граница со Грција: Потребен е еден документ
Одредени категории патници ќе бидат изземени од биометриската контрола во рамки на новиот ЕЕС систем на границите со Грција, потврдуваат надлежните служби, пренесува „Грција инфо“.
Според одговор од Полициската управа Евзони, деца со аутизам, деца со развојни потешкотии, како и лица со намалена подвижност нема да мора да даваат биометриски податоци, односно нема да бидат фотографирани ниту ќе им се земаат отпечатоци од прсти на граничните премини.
За да се примени ова изземање, родителите или придружниците мора да приложат соодветна медицинска документација на самата граница. Станува збор за потврда издадена од болница или клиника, на официјален меморандум, која јасно ја потврдува состојбата на лицето. Документот мора да биде преведен на англиски или грчки јазик.
Информацијата е особено значајна за семејствата со деца кои имаат потешкотии при вакви процедури, бидејќи фотографирањето и земањето отпечатоци често претставуваат дополнителен стрес.
Неофицијално, се препорачува и постарите лица кои се движат со инвалидска количка да носат соодветна документација, со цел евентуално да бидат ослободени од постапката.
Од надлежните нагласуваат дека без соодветни документи, изземањето нема да може да се примени, па затоа се советува патниците навреме да се подготват.
Се очекува оваа практика да овозможи побрз и полесен премин на границите за најранливите категории патници.
Б92