Економија, финансии, бизнис

Контакт

Оваа Нова година имам само една желба: Да ја почувствувам топлината на домот!

Оваа Нова година имам само една желба: Да ја почувствувам топлината на домот!
Оваа Нова година имам само една желба. Да ја почувствувам топлината на домот. Да се израдувам на јадењето, топлиот кревет. Само тоа го сакам. Бездомникот Владо Груевски веќе десетина години е без покрив над главата. По два неуспешни брака, зад себе ја има само ќерката која боледува од шизофренија и не ја видел повеќе од една година. Преноќува под ведро небо или под Транспортниот центар, на картон или некоја черга. За себе вели сонува само околу Нова година. Тогаш добива пакет од обувки и ќебе од градските власти. Но до следната, сурова реалност, веќе одамна ќе излитат и онака тенките конци. “Долги години живеам на улица. Веќе заборавив како е да се има дом. Одам да помагам во Католичката и другите цркви, да зачистам, заметам и да средам било што. Не пребирам работа, само да се стигне до некоја паричка, за корка леб. Сурова е мојата судбина која си поигра со мојот живот. Имав семејство и ќерка, но работите не тргнаа како што треба. Некој од проблемите успева да излезе како победник, но некој завршува како мене, сам! Жалам за многу работи, но патот за враќање е многу тежок. Уште потешко е што денеска никој не те гледа, никој не го интересира судбината на послабиот, немоќниот. За воља на вистината, од Црвениот крст ми помагаат, се наоѓа и по некоја хумана рака, но тоа не го решава мојот проблем. Јас и по еден оброк, останувам повторно на улица. Сега околу празнициве ги гледам луѓето, излозите на продавниците. И јас посакувам да можам слободно да си купам нешто плус, јадење, облека. Но тоа е само желба. Ако заработам 500 денари од чистење по црквите ги трошам на јадење, зошто гладот не прашува. Стомакот бара храна, а таа борба е посилна од се. Ќе те клекне на колена!”-раскажува Владо Груевски. Неговата судбина ја делат стотина бездомници. Секој со своја животна приказна. Најтешко им е велат, во зима. Тогаш студот длабоко навлегува во коските и останува само црната мисла како да се преживее ноќта. Луѓето бегаат од бездомниците. Се плашат. Ретко кој се прашал, како овој човек завршил на улица. Владо Груевски вели, улицата е последниот избор. За многумина таа завршува во ќор сокак. “Оваа Нова година имам само една желба. Да ја почувствувам топлината на домот. Да се израдувам на јадењето, топлиот кревет. Само тоа го сакам. На улица не ме боли само грбот, коските, ме боли душата што постоиме, а ретко кој не забележува”-додава Владо. Единственото прибежиште за бездомниците во Скопје е пунктот за бездомници кај Момин поток. Тој работи два пати неделно. Покрај храна и чиста облека, бездомниците можат и да се избањаат, да добијат и берберски услуги. Еднаш во неделата да се претворат, како што вели Владо, во “нов човек”! Оваа година во пунктот имало 1500 посети.Неговата животна приказна е само една од многуте кои секојдневно ги има на улиците. Само некој треба да ги види! С.Б.
Слично

Поврзани вести