Оваа година се продава половина од NLB
Идната година ќе се продадат уште 25% како би се постигнала што подобра цена.
Европската комисија оваа недела ќе го потврди предлогот на словенечката влада да ја приватизира Нова Љубљанска банка (NLB) во две фази, при што 50 посто од акциите на најголемата словенечка банка која е во сопственост на државата за потенцијалните инвеститори да им се понуди веќе до средината на оваа година, објави словенечката телевизија.
Според претходниот договор на Словенија и Брисел, три четвртини од акциите на NLB државата требало да ги продаде до крајот на оваа година. Со Европската комисија сега е постигнат договор оваа година да се продадат 50 посто од NLB, а до крајот на следната година уште 25 проценти.
Државните акции во банката ќе се продаваат по пат на иницијална јавна понуда (IPO), а единствена причина зошто е предложена продажба во две фази е настојувањето на пазарот да се постигне што подобра цена, рекла за словенечката телевизија Лидија Главина, директорката на Словенечкиот државен холдинг.
Се верува дека на подобрувањето на изгледот за подобра цена на акциите на NLB при продажбата ќе допринесе и најавата на рејтинг агенцијата Moody's дека во рок од два месеци би можела да го зголеми кредитниот рејтинг на три словенечки банки.
