Оваа апликација ја олеснува и забрзува EES процедурата: Во некои земји веќе е активна – дали Грција е меѓу нив?
Европската унија воведува нова дигитална услуга наречена Travel to Europe, која треба да го забрза и поедностави преминувањето на границите во рамки на новиот EES систем. Се поставува прашањето во кои земји веќе функционира и дали ќе придонесе за намалување на гужвите, особено за патниците што патуваат кон Грција.
Со воведувањето на Entry/Exit System, преминувањето на границите на Европската унија значително се промени. Пасошите повеќе не се печатираат, туку секое влегување и излегување се регистрира дигитално, со задолжително фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Системот од април е целосно активен на надворешните граници на ЕУ и се однесува и на граѓаните од регионот. Сепак, наместо очекуваното забрзување, во пракса донесе подолги задржувања и гужви.
Токму затоа се воведува апликацијата „Travel to Europe“, достапна за преземање на Google Play и App Store, со цел да се намали времето на чекање и да се овозможи побрз проток на патници. Засега, апликацијата функционира само во Шведска и Португалија.
Преку апликацијата, патниците можат однапред да ги внесат своите податоци, со што се скратува времето на граница и се избегнува рачниот внес на информации. Сепак, останува задолжително давање отпечатоци од прсти и основна контрола.
Експертите објаснуваат дека ваквиот систем ја забрзува процедурата бидејќи податоците – како фотографија од пасош, лична фотографија и информации за патувањето (цел, должина и дестинација) – веќе се внесени во системот.
Кога станува збор за Грција, засега не е познато дали системот таму е компатибилен со оваа апликација. Се очекува конечна одлука да биде донесена во текот на мај.
Првично постоеше заблуда дека регистрацијата ќе се прави само еднаш, но патниците ќе мора да ја поминуваат процедурата при секое преминување на граница. Сепак, според проценките, процесот трае само околу една минута подолго од претходно и нема простор за загриженост.
Дополнително, се препорачува користење на помали и алтернативни гранични премини, каде што е можно, со цел да се избегнат поголемите гужви.
Еуправозато