ОВА СЕ ПРИЈАТЕЛИТЕ НА МАТЕЈ НА ПАТОТ ЗА БЕЛГРАД: Фотографијата е направена во комбето, а еве која е причината за нивниот „завет за молчење“
Во Белград помина единаесеттиот ден од потрагата по исчезнатиот Матеј Периш (27) од Сплит, кому на новогодишната ноќ му се губи секаква трага во клубот Готик лоциран покрај реката Сава во комплексот познат како Бетон хала.
Српската полиција во соработка со Интерпол спроведува истрага на копно и во вода, а на терен се кучиња трагачи, форензичари, професионални нуркачи и волонтери. Засега не се објавуваат премногу информации во јавноста, иако околу целата истрага се создадени низа мистерии.
Сè уште е неразбирливо зошто српскиот МУП тврди дека немало инцидент во Готик, иако тоа го потврдија повеќе страни. Нејасно е дали членовите на обезбедувањето и келнерите од клубот биле сослушани и ставени на полиграф, ниту пак зошто во клубот од кој бегаше Матеј не почнала потрагата по снимки и докази, а притоа изгледа како тој да побегнал од некоја опасност или обид да дојде до точно одредена цел, пишува хрватски Вечерњи лист.
Има голем број прашања на кои јавноста бара одговори, особено што клубот Готик неодамна се поврзуваше со врвот на српското криминално милје, што го обезбедуваа членовите на Гробарите - навивачите на ФК Партизан.
Српските таблоиди објавија неколку снимки од надзорните камери во Белград, на кои е препознаен Матеј Периш, како онаа на која се гледа како трча кон бело такси и се обидува да го застане. Нема докази ниту траги кои би укажале дека Матеј влегол во Сава, а неговиот татко Ненад кој престојува во Белград ја отфрлил можноста неговиот син да е на видеото каде непознат маж плива во Сава. Видеото е објавено во српските таблоиди кои имаат тенденција да пласираат сензационални и непроверени вести. Очигледно е снимен со мобилен телефон летото, но не е со сигурност утврдено кога е создадено.
Во јавноста се појавија низ неточни информации за пријателите на Матеј кои биле со него во Белград. Така, на социјалните мрежи со денови се споделуваа објави со погрешни имиња во кои се претпоставува дека Матеј бил во проблематично друштво кое сега молчи пред јавноста, и очигледно крие детали.
Но, Вечерњи лист дошол до фотографијата направена во комбето во кое Матеј и пријателите биле на пат за Белград. Тим од седум млади луѓе од Сплит најпрвин со автомобил отишле во Загреб, а потоа таму изнајмиле комбе, со кое на 30 декември заминале за Белград каде изнајмиле стан.
На јавноста веќе и е познато дека меѓу друштвото имало и двајца браќа кои веќе разговарале со медиумите по име и презиме. Наводно се работи за синови на познат сплитски претприемач. Еден од нив студирал на ПМФ во Загреб и седи до возачот, додека другиот брат седи до Периш. Покрај нив и Матеј, во комбето имало уште четворица млади момчиња на возраст од 25 до 29 години.
Вечерњи лист ги има идентитетите на пријателите на Периш од комбето, но нема да ги објави поради почитување на нивната приватност и заштита на истрагата, па поради таа причина нивниот идентитет е заштитен на фотографијата. Самата фотографија кажува дека се работи за опуштена атмосфера која не открива ништо сомнително. Сите момци изгледаат трезвено и се уредно облечени.
Детално се пребаруваа биографиите на сите пријатели кои покажуваат дека сите се образовани или спортисти. Младиот човек кој седел во задниот ред десно на крајот, завршил Градежно-архитектонски и геодетски факултет, а негови познаници за хрватскиот Вечерњи лист изјавиле дека потекнува од уредно и угледно семејство, а неговиот татко поседува добростоечка градежна и проектантска компанија. Периш го познавал од гимназијата Владимир Назор, каде заедно оделе на училиште.
Како што пишува понатаму овој хрватски медиум, младиот човек не се дружел интензивно со друштвото кое заминало во Белград, туку спорадично. Дечкото до него завршил Висока техничка сообраќајна школа, и играл професионален ракомет, а во текот на кариерата играл дури и за германски клубови. Моментално е вработен како работник во сплитската железница и се уште игра ракомет во нисколигашки клуб.
Младиот човек зад воланот посетувал математичко средно училиште во Сплит, но не се знае дали го продолжил образованието. Во комбето во вториот ред лево, според неофицијални информации, бил и пријателот на Матеј, за кој се знае дека професионално играл мал фудбал.
Вечерњи лист од фотографијата се обиде да стапи во контакт со неколку пријатели на Матеј, но никој од нив не сакал да разговара. Дали се работи за „завет на молчење“ како што сугерираат деновиве некои медиуми, со оглед што тоа друштво е подложено на линч, се прашува извор кој бил детално информиран за истрагата и ги знае сите.
„Деновиве во српските медиуми се појавуваат куп лаги. Во непријатна ситуација доведоа млади мажи од Сплит, кои воопшто ги немаше, но без проверка објавија список со имиња кои беа споделени на Фејсбук. Како да распишаа потерница по нив, а потоа без никаква емпатија го дискредитираа Матеј со тоа што објавија дека пред исчезнувањето имал оргија со две проститутки.
Таа снимка се испостави дека е лажна, па дури и човекот на неа се појави. Не е јасно од каде доаѓаат овие информации и зошто локалните медиуми по секоја цена сакаат да креираат приказна за проблематичните сплиќани“, вели соговорникот.
Тој тврди дека една од причините поради која младите кои биле со Матеј не зборуваат во јавноста е тоа што на социјалните мрежи и дел од медиумите ги третираат како криминалци.
„Момците дадоа изјава каде што треба, поминаа полиграф. Дали некој навистина верува дека тие шестмина би ја усогласиле приказната до тој степен што ниту српската ниту хрватската полиција не би ги оставиле на понатамошна истрага. Ми рекоа дека не сакаат да се појавуваат во медиумите и мршојадците додека сите неизвесно и тажно го чекаат исходот на овој настан. Разговараат со луѓето што им се потребни. Зошто би дале интервјуа и да го поврзат своето име со некоја сомнителна приказна? Тоа не значи дека не соработуваат и дека не се загрижени“, вели соговорникот за хрватски Вечерњи лист.
Друг познаник на оваа екипа дознава дека пријателите на Матеј немале контакт со криминал ниту се однесувале сомнително, иако повеќето биле дел од сплитскиот џет-сет.
„Не знам веќе што да кажам. Тоа се обични момци со факултетски дипломи и нивните работни места. Дали некој од нив се дрогирал во Белград? Ова е сосема ирелевантно за поширокиот контекст на оваа приказна. Сигурен сум дека ништо не кријат, разговарав со неколку од нив. Сите тие им кажале на истражителите дека не знаат зошто Матеј истрчал од клубот. Веројатно затоа што Матеј западнал во проблем што не го виделе додека седеле на маса, а пресметале дека е некаде со девојка. Исчезнувањето го пријавиле во разумен рок, веднаш наутро, иако полициските правила налагаат тоа да се направи дури откако ќе поминат 24 часа. Колку што знам, на полицијата ѝ кажале дека имало некакви несогласувања во клубот, но полицијата веројатно проценила дека тоа не е важно за истрагата, па официјално не го обелодениле“, заклучува изворот.
Извор и фото: Вечерњи лист.хр и Блиц.рс