Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ова се најдобрите бизнис планови за 2013-та

Ова се најдобрите бизнис планови за 2013-та

Вистински момент  за основање свој бизнис не постои, треба сами да го создадете, ова им го порача министерот за економија Ваљон Сарачини на младите претприемачи денеска на прогласувањето на најдобрите бизнис планови во рамки на проектот - Натпревар за започнување на бизнис „Биди перспективен, започни свој бизнис”.

Првата награда и чек од 330.000 денари доби Дане Тодоровски за бизнис планот „МЕО -  Мрежа за електронски отпад“. Второнаградена е Аделина Селими за бизнис планот„ Warlander“, за кој доби чек од 230.000 денари. Третата награда и чек од 140.000 денари му припадна на Блерант Рамадани за бизнис планот „In Safe Eco Energy“.

Групата автори на книгата „Патот кон сопствен бизнис“ му додели награда и на четвртопласираниот бизнис план. Тие одлучија средствата од наградата „Гоце Делчев“ во висина од 100.000 денари да ги доделат на Даниел Димов, авторот на четвртопласираниот бизнис план „MOBIDOONIA“. На сите наградени им беше доделен и ваучер за регистрација на фирма во Централниот регистар.

- Признанијата и наградите кои ви се доделуваат се охрабрување за отпочнување со работа. Целта можеби е пред вас. Затоа никогаш не кревајте раце и продолжете упорно за да ја реализирате вашата цел, им рече Сарачини на наградените.

Според анкетите, додаде Сарачини околу 90 отсто од студентите од завршните години сакаат да се вработат во јавната администрација, а само 10 отсто да почнат свој бизнис.

- Оваа награда во иднина ќе прерасне во традиционална, а проектот „Биди перспективен - започни свој бизнис“ ќе им помогне на младите да знаат каде да се обратат доколку имаат бизнис идеи за да успеат да ги преточат во бизнис план, порача Сарачини.

Проектот, како што кажа, започна со реализација пред 1,5 година и првично на него аплицирале 106 студенти со свои бизнис идеи. Комисијата за евалуација одбрала 30 бизнис идеи за кои е извршена обука во 13 модули, како бизнис идеата да се претвори во бизнис план. Обуката ја вршеле еминентни експерти и професори.

Слично

Поврзани вести