Ова се најбезбедните европски авиокомпании во 2026 година
Со анализа на стапките на инциденти кај 320 превозници и прилагодување на фактори како што се вкупниот број летови и возраста на флотата, веб-страницата „Airline Ratings“ ги рангираше 25-те најбезбедни авиокомпании во светот за 2026 година.
Други елементи што се земаат предвид вклучуваат обука на пилоти и безбедносни ревизии.
Иако извршната директорка Шерон Петерсен нагласи дека разликата меѓу авиокомпаниите во рангирањето се намалува, само една може да биде на првото место, а во 2026 година авиокомпанија од Персискиот Залив го освои првото место: „Етихад ервејс“, пренесува „Еуроњуз“ .
Ова е првпат авиокомпанија од Персискиот Залив да го освои првото место на ранг-листата, а компанијата со седиште во Абу Даби го презеде првото место од „Ер Њу Зеланд“.
Три од првите пет доаѓаат од регионот, а на листата како целина доминираат азиско-пацифичките превозници. Седум европски авиокомпании беа вклучени во првите 25.
Туркиш ерлајнс најбезбедни
Турскиот национален авиопревозник, „Туркиш ерлајнс“, повторно е прогласен за најбезбедна авиокомпанија во Европа, завршувајќи на 12-то место во вкупниот ранг.
Работи од својот центар во Истанбул и го држи светскиот рекорд за најголем број земји опслужени од една авиокомпанија. Во 2025 година, Skytrax ја прогласи за шеста најдобра авиокомпанија во светот.
Последниот фатален инцидент на комерцијален лет на „Туркиш ерлајнс“ се случи во 2009 година, кога девет патници и членови на екипажот загинаа откако Боинг 737-800 се урна при обид за слетување на аеродромот „Схипхол“ во Амстердам.
Веднаш зад неа, на 13-то место, се најде британската „Вирџин Атлантик“, а нејзината сестринска авиокомпанија „Вирџин Австралија“ веднаш пред неа, на 9-то место.
Од своето лансирање во 1984 година, „Вирџин Атлантик“ нема доживеано авионска несреќа со смртоносен исход.
Други европски авиокомпании кои се најдоа на ранг-листата се TAP Air Portugal (16-то место), SAS (17-то место), British Airways (18-то место), Iberia (20-то место) и Lufthansa (21-во место).
Кои се најбезбедните нискобуџетни авиокомпании во Европа?
Додека HK Express се искачи на врвот, easyJet беше прогласен за најдобар во Европа, кој беше петти во генералниот пласман. Британската нискобуџетна авиокомпанија никогаш не доживеала фатална несреќа од нејзиното основање во 1995 година.
Следна беше airBaltic на седмото место, по што следуваа Wizz Air на деветтото место, TUI (11-то место), Vueling (12-то место), Norwegian (13-то место), Jet2 (17-то место), Ryanair (18-то место), Transavia (20-то место) и Eurowings (21-во место).
Авиокомпаниите оценети од AirlineRatings добиваат оценка од седум, а листата на првите 25 се избира од оние што добиле максимален број поени.
Системот за оценување со седум ѕвездички ги зема предвид сериозните инциденти поврзани со пилотите, одземајќи една или две ѕвездички во зависност од сериозноста и фреквенцијата, како и фаталните несреќи во последните 10 години, поради кои авиокомпанијата губи три ѕвездички. Ова не вклучува тероризам, киднапирање или самоубиство, или несреќи предизвикани од друг авион.
Исто така, се земаат предвид и меѓународните ревизорски проценки, вклучувајќи ги ревизиите за оперативна безбедност на IATA, ревизиите за безбедност на земјите од страна на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и безбедносните оценки на FAA.
„Севкупно, важно е да се напомене дека секоја авиокомпанија на листата за 2026 година има регистрирано инциденти во последните две години, но вистинската стапка на инциденти по лет се движи помеѓу 0,002 и 0,09 кај сите авиокомпании, што е вистинска заслуга за целата индустрија“, рече Петерсон.
Форбс.рс