Oва се конкретни причини зошто војната со Иран „удира“ по џебот
Војната со Иран би можела значително да ги зголеми трошоците за живот низ целиот свет. Затворањето на Ормутскиот теснец ја зголемува цената на нафтата, а подолг конфликт би можел да донесе нови зголемувања на цените на горивото, храната и транспортот.
Војната со Иран е комплексна, но причината зошто конфликтот на Блискиот Исток влијае на финансиската состојба се сведува на три факти. Цените на нафтата ќе останат високи сè додека не се отвори повторно Ормутскиот теснец. Колку подолго трае војната, толку повеќе ќе растат цените, пишува CNN.
Постои само едно нешто што го интересира пазарот на нафта: повторното отворање на Ормутскиот теснец. Сè друго е второстепено.
Во четврток, еден ден откако 32 земји објавија дека ќе пуштат рекордни 400 милиони барели нафта на пазарот, цената на нафтата повторно се искачи над 100 долари за барел. Пред тоа, таа остана под тоа ниво откако американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека војната наскоро ќе заврши.
Таа проценка сега изгледа премногу оптимистичка.
Иран сè уште го контролира теснецот, тесен морски премин низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта. Во својата прва јавна порака откако ја презеде функцијата, новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави во четврток дека Ормутскиот теснец ќе остане затворен како „средство за притисок“.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, изјави за CNBC дека ќе поминат неколку недели пред американската морнарица да може да почне да ги следи танкерите за нафта низ теснецот.
Додека меѓународните танкери остануваат блокирани во Персискиот Залив, Иран го нема тој проблем - неговата нафта продолжува да поминува низ теснецот бидејќи иранските бродови се единствените што моментално можат да се движат по таа рута. Ова значи дека Иран може да почека развој на настаните без голема загуба на приходите од нафта, додека неговите противници се соочуваат со можни големи економски нарушувања.
„Дури и ако војната заврши денес, ќе бидат потребни помеѓу еден и три месеци за теснецот повторно целосно да биде оперативен“, рече Хомаџун Фалакшахи, главен аналитичар на пазарот на сурова нафта во Kpler.
Ќе биде потребно време за да се отстранат стотиците бродови што чекаат да поминат, како и за големите производители на нафта да ги поправат оштетените објекти, да го зголемат производството и да ги рестартираат испораките.
Цената на нафтата би можела да се искачи на 150 долари за барел ако теснецот не се отвори, според Џеј Хатфилд, директор на „Инфраструктур Капитал Адвајзорс“.
Со зголемувањето на цената на нафтата, цената на бензинот се приближува до нивото од 4 долари за галон (галон - 3.785 литри), што директно ќе влијае на возачите.
