Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ова се богати европски земји со најзадолжени домаќинства

Ова се богати европски земји со најзадолжени домаќинства

Холандија има најзадолжени домаќинства во Европа.

Новите податоци откриваат дека најзадолжени домаќинства во Европа имаат Холандија, Данска и Шведска. Според податоците на Евростат, долгот на домаќинствата во Европската Унија во 2025 година изнесувал 49,4 отсто од БДП, додека во еврозоната бил 50,7 отсто. Иако задолженоста постепено се намалува од 2020 година, кога надминувала 60 отсто, разликите меѓу земјите остануваат големи.

Највисока задолженост има Холандија, каде долгот на домаќинствата достигнува 93,5 отсто од БДП. Причината главно е големиот број станбени кредити, поттикнати од даночни олеснувања и политики што го олеснуваат купувањето недвижности.

На второ место е Данска со 84,1 отсто, а потоа следи Шведска со 82,3 отсто. Во овие земји голем дел од долгот е поврзан со пазарот на недвижности и станбени кредити.

Финска има задолженост од 62,9 отсто, додека Луксембург е на 60,5 отсто. Франција достигнува 59,5 отсто, а Белгија 56,4 отсто од БДП.

Португалија и Кипар се меѓу државите со поумерена задолженост, со околу 54 отсто, додека Германија е блиску до просекот на ЕУ со 49 отсто.

Во Италија долгот на граѓаните изнесува 35,9 отсто од БДП, во Грција 38 отсто, а во Шпанија 42,9 отсто.

Експертите предупредуваат дека високата задолженост не мора секогаш да биде проблем, особено во економии со развиен пазар на недвижности и стабилни приходи. Но, прекумерните долгови можат да станат ризик во периоди на економски кризи и раст на каматните стапки.

foto Wikipedia/ Zairon

Слично

Поврзани вести