Ова ќе го олесни преминувањето на границите: Најавен нов дел од EES системот, еве како ќе функционира
Европската Унија воведува нова мобилна апликација „Travel to Europe“, која треба да им го олесни влезот во Шенген зоната на патниците од земји надвор од ЕУ, преку претходна регистрација на податоците.
Апликацијата е наменета за патници кои не се државјани на ЕУ и кои подлежат на регистрација во рамки на системот EES. Засега функционира во Шведска и Португалија, а се очекува постепено да биде воведена и во останатите земји членки.
Со помош на апликацијата, корисниците ќе можат однапред да внесат податоци од пасошот и фотографија од лицето пред да пристигнат на граничен премин каде што се користи EES системот. Исто така, ќе можат да пополнат и прашалник за условите за влез во земјата.
Регистрацијата може да се направи најрано 72 часа пред влез или излез од земја на ЕУ која ја поддржува апликацијата.
Иако апликацијата не ја заменува граничната контрола, таа треба значително да ја поедностави и забрза процедурата. Патниците и понатаму ќе мора да поминат проверка, но процесот ќе биде поефикасен бидејќи податоците веќе ќе бидат внесени во системот.
Апликацијата можат да ја користат патници од земји надвор од ЕУ кои имаат биометриски пасош и подлежат на EES регистрација. Сепак, пред користење, се препорачува да се провери дали земјата во која се патува ја поддржува оваа услуга.
Користењето на апликацијата е доброволно, но може значително да заштеди време при граничните проверки.
EES системот се воведува постепено од 2025 година, а неговата целосна примена се очекува од 10 април 2026 година.
