Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ова е скриената жртва на конфликтот со Иран: Требаше да биде замена за нафтата, а сега станува проблем

Ова е скриената жртва на конфликтот со Иран: Требаше да биде замена за нафтата, а сега станува проблем

Иако транзицијата кон зелена енергија требаше да биде алтернатива на зависноста од нафта, актуелниот конфликт со Иран покажува дека и овој сектор е сериозно ранлив на геополитички шокови.

Наместо решение, обновливите извори се соочуваат со нови предизвици, бидејќи клучните суровини и материјали за нивното производство – како литиум, кобалт и ретки метали – зависат од истите глобални транспортни рути и синџири на снабдување како и фосилните горива.

Експертите предупредуваат дека кризата веќе го нарушува целиот систем. Производството и транспортот на компоненти за батерии, соларни панели и електрични возила стануваат поскапи и понеизвесни.

  • „Трошоците за изградба на овие технологии – батерии, соларни системи, електрични возила – ќе растат. Секое нарушување во синџирот на снабдување ја зголемува цената на сè останато“, предупредува експертот за кризен менаџмент Али Џабар.

Дополнителен проблем е што производството на овие ресурси е концентрирано во неколку региони – кобалт главно доаѓа од Африка, литиум од Јужна Америка, додека Кина контролира најголем дел од нивната преработка.

Транспортот на овие материјали се одвива преку чувствителни морски коридори, како Црвеното Море и Ормускиот теснец, кои во услови на конфликт стануваат високоризични. Овие нарушувања веќе доведоа до доцнења во испораките и привремено запирање на производството во дел од индустријата за електрични возила.

Иако зелената енергија беше замислена како начин за намалување на геополитичките ризици поврзани со нафтата, актуелната ситуација покажува дека таа ја наследува истата зависност од глобалните пазари и логистички рути.

Дополнително, за разлика од нафтата, не постојат стратешки резерви на клучни минерали, што го прави системот уште поранлив на кризи.

Аналитичарите оценуваат дека оваа состојба ќе доведе до поскапување на зелените технологии и ќе го забави енергетскиот преод, додека инвеститорите и владите ќе бидат принудени да бараат нови, поодржливи решенија за снабдување.

Конфликтот со Иран, според нив, не е само тест за енергетските пазари, туку и за целата стратегија на глобалната зелена транзиција.

Форбс.рс

Слично

Поврзани вести