Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОВА Е ПОСЛЕДНИОТ РОК, ЕВРОПА ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ: Ако до јуни не се реши кризата, следуваат откажувања на летови

ОВА Е ПОСЛЕДНИОТ РОК, ЕВРОПА ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ: Ако до јуни не се реши кризата, следуваат откажувања на летови

Германските авиокомпании алармираат дека без итни мерки може да дојде до сериозни нарушувања во авио-сообраќајот пред шпицот на летната сезона. Тие бараат од владата да интервенира, вклучително и со ослободување на стратешките резерви на керозин, поради растечките тензии на Блискиот Исток и нестабилното снабдување со гориво.

Индустриското здружение БДЛ повика и на пристап до НАТО-виот систем на нафтоводи, со цел да се зголемат резервите во клучните аеродромски центри како Франкфурт и Минхен. Дополнително, бараат привремено намалување на давачките за емисии на јаглерод, поголема флексибилност за одржливото авионско гориво, како и олеснување на обврските за обештетување на патниците при доцнења и откажувања.

Предупредувањето доаѓа во момент кога индустријата веќе се соочува со раст на цените на авионското гориво и први знаци на недостиг на одредени аеродроми. Според Меѓународната агенција за енергија, европските аеродроми би можеле да се соочат со недостиг на керозин уште во јуни.

Иако Европа се обидува да го надомести снабдувањето со увоз од САД, овие испораки покриваат само околу половина од потребите, предупредуваат од БДЛ.

Притисокот веќе се чувствува на терен. Холандската авиокомпанија КЛМ откажа околу 160 летови поради високите цени на горивото и ограниченото снабдување. Во меѓувреме, германската „Луфтханза“ најави затворање на регионалната подружница „СитиЛајн“ и побрзо повлекување на постарите авиони што трошат повеќе гориво.

Дополнително, четири аеродроми во Италија веќе воведоа ограничувања за потрошувачка на авионско гориво, поради проблеми со снабдувањето.

Од здружението ACI Europe предупредуваат дека евентуална криза со гориво би можела сериозно да го наруши функционирањето на аеродромите и авио-поврзаноста, со потенцијално големи економски последици за Европа.

Ако не се преземат мерки во краток рок, експертите предупредуваат дека летната сезона може да започне со хаос во авио-сообраќајот и масовни откажувања на летови.

Бизпортал.рс

Слично

Поврзани вести