Ова е објаснувањето на ДУИ зошто бара предвремени избори
Директна причина за иницијативата за распуштање на Собранието, што денеска ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ), е неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, стои во образложението.
Иницијативата се објаснува и со потребата да се одблокираат евроатлантските интеграции на земјата. Според ДУИ, деблокирањето на овој процес може да се постигне само со директни преговори и дијалог на највисоко ниво, како и со помош на нашите меѓународни партнери.„Оваа наша понуда не беше сериозно прифатена од другите политички субјекти, за што не добивме позитивен одговор од ниту еден политички субјект во земјата. Изразуваме загриженост поради тоа што политичките субјекти во земјата се уште не се подготвени за еден ваков чекор. Ние ќе продолжиме со негување на оваа наша идеја и убедени сме дека ќе докажеме дека оваа понуда е во интерес на земјата“, се вели во образложението на ДУИ.
„Свесни сме дека овој процес не може да се одвива помеѓу два изборни циклуси и во атмосфера во која оваа тема се третира во изборна кампања. Определени за подобрување на економскиот развој на земјата и благосостојбата, воедно свесни дека истото може да се обезбеди само со зголемување на внатрешните и надворешните инвестиции, ДУИ смета дека ова е поврзано и со интегрирањето на земјата во евроатлантските структури, бидејќи членувањето во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ, се предуслов за постигнување на стабилна политичка и позитивна бизнис клима“, наведува ДУИ.Од партијата на Ахмети веруваат дека има потреба од потврдување на мандатот од страна на граѓаните и легитимирање на политиките на политичките партии, а ова може да се постигне само со организирање на предвремени парламентарни избори. Нивниот коалициски партнер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски предмалку од говорница на партиската конвенција им одговори дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа „фрлената ракавица“ и ќе прифати да ја поддржи иницијативата за предвремени избори. Според очекувањата, овие избори би се одржале на 27 април, за едно со вториот круг од претседателските избори.
Слично
