Ова е извештајот на ЕК за Македонија
Европската комисија пред неколку моменти на својата официјална интернет-страница го објави Специјалниот извештај за Република Македонија.
Иако комесарот за проширување Штефан Филе за неколку минути на прес-конференција ќе го објави истиот, Комисијата веќе го објави со заклучок дека земјата “има направено прогрес во сите области што ги покрива овој извештај“.
Претставен како извештај изготвен по однос на заклучоците на Самитот на Европскиот совет во декември 2012 година, за прогресот на земјата постигнат за период од шест месеци, документот е поделен на два дела: спроведувањето на реформите во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и преземените чекори за промовирање на добрососедски односи со сите соседни земји, со посебен акцент на односите со земјите-членки на ЕУ.
- БЈР Македонија има направено прогрес во сите области што ги покрива овој извештај и покрај политичката криза која настана на 24 декември 2012 година. Многу е важно политичкиот договор од 1 март да се имплементира без одлагање, особено формирањето на Анкетната комисија за расчистување на овие настани. Имплементацијата на реформите од ХЛАД-от поврзани со ЕУ продолжува. Релацијата со соседите останува добра и се превземени чекори за подобрување на билатерните односи со Бугарија и Грција. Формалните разговори за “спорот со името“ донесоа нов моментум за време на овој известувачки период, се наведува во заклучокот во овој извештај каде е претставена и политичката криза што ја наметна опозициската СДСМ, но дека истата е надмината.
Иако во извештајот не се споменува никаде предлогот на ЕК за Европскиот совет да одобри почеток на пристапните преговори, истиот заклучок останува од октомврискиот извештај на Комисијата и се очекува тоа Филе да го потврди на прес-конференцијата што наскоро ќе започне
