Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОВА Е ЕДЕН ОД НАЈБАРАНИТЕ ЕНЕРГЕНСИ: Европските авиокомпании бараат поблаги правила поради високите трошоци

ОВА Е ЕДЕН ОД НАЈБАРАНИТЕ ЕНЕРГЕНСИ: Европските авиокомпании бараат поблаги правила поради високите трошоци

Европските авиокомпании планираат да извршат притисок врз Европската унија со барање за поблаги прописи за задолжителната употреба на климатски поприфатливото синтетичко авионско гориво, познато како eSAF.

Деталите од предлогот треба да бидат претставени оваа недела на конференцијата на здружението на авиокомпании A4E (Airlines for Europe), чии членки се и „Луфтханза“, „Ер Франс-КЛМ“ и „Рајанер“.

Според извори на „Ројтерс“, планираната квота од 1,2 проценти eSAF од 2030 година би можела да биде одложена или дури укината поради високите трошоци и ограничената достапност на ова гориво.

Од здружението A4E посочуваат дека очекуваното производство на eSAF до 2030 година ќе покрие само околу 0,7 проценти од вкупната побарувачка. Според нив, тоа би можело да доведе до казни од седум до девет милијарди евра за добавувачите на гориво, трошок кој на крајот би се префрлил врз патниците.

Авиокомпаниите сметаат дека одложувањето или укинувањето на квотата е неопходно за да се зачува конкурентноста на европската авио-индустрија. Како што пренесува германскиот „Ханделсблат“, компаниите предупредуваат дека без промени европските превозници би биле во понеповолна позиција во однос на конкуренцијата од земјите од Персискиот Залив.

Извршниот директор на „Луфтханза“, Карстен Шпор, и претходно повика на поголема економска рамнотежа во климатските прописи на ЕУ за авио-индустријата, нагласувајќи дека сегашните правила создаваат нерамноправни услови на пазарот.

Од друга страна, еколошките организации предупредуваат дека преголемо попуштање на правилата може да ги загрози целите за климатска транзиција и намалување на емисиите во авијацијата.

Одлуката на Европската унија за евентуално одложување или измена на квотата се очекува во наредните недели, додека авио-индустријата продолжува со лобирање обврските да бидат пофлексибилни и економски одржливи.

Блиц.рс

Слично

Поврзани вести