Отворени сите гласачки места, неправилности во Велес, Кочани и Гостивар
Утрово сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има свои набљудувачи се отворени во седум часот, но набљудувачите регистрирале прекини на неколку од нив.
Како што информираше извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов, проблеми се забележани во Велес, Кочани и Гостивар.
На гласачкото место 2164 во општина Велес гласач фотографирал гласачко ливче и по реакцијата на Избирачкиот одбор си заминал, но му била задржана личната карта. Повикани се Општинската изборна комисија и полицијата поради што имало прекин на гласањето 40 минути. По нивната интервенција гласањето продолжило.
На гласачкото место 0848 во општина Кочани недостасувале листови од извадокот од избирачкиот список во кои се впишани 90 гласачи. За тоа е известена ОИК и гласањето е се уште во прекин. Прекин во гласањето во општина Кочани има и на гласачките места 0837, 0850 и 0852, поради тоа што на секое од тие гласачки места недостигал по еден лист од избирачкиот список.
Активистите на МОСТ регистрирале и дека на гласачкото место 0408 во општина Гостивар од петте членови на Избирачкиот одбор само еден член ја носел потребната легитимација, како и дека во гласачкото место 2870 во општина Центар гласањето почнало со 10 минути задоцнување.
Со 2080 свои набљудувачи МОСТ го следи гласањетo во вториот круг од локалните избори. Со нив ќе бидат покриени 50 до 60 отсто од 1.614 избирачки места во 29 општини и Градот Скопје, како и во Струмица и Долнени, каде што ќе се прегласува.
Денеска во вториот круг од локалните избори се гласа во 29 општини и Градот Скопје на 1.614 избирачки места на кои право на глас имаат 1.103.175 гласачи.
Слично
