Економија, финансии, бизнис

Контакт

Отворен уште еден затвор, ќе собере 250 лица

Отворен уште еден затвор, ќе собере 250 лица
Денеска беше отворен новиот затвор во Куманово во село Кшање, во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за правда Блерим Беџети. Казненопоправен дом има вкупна површина од над 5.000 метри квадратни, а во него може да се сместат 250 лица. Според најавите, овде ќе бидат сместени осуденици кои издржуваат казна до 3 години.Инвестицијата е тешка 234 милиони денари, а како што појасни лично премиерот, таа е дел од владиниот проект за изградба и реконструкција на затворите тежок 52 милиони евра. Како што појасни премиерот, кумановскиот затвор има посебен систем за греење и водовод, сончеви колектори за греење вода, но и ограда висока 4 метри и современ видеонадзор. Во него, додаде тој, има услови за да се минимизира потребата од затворско обезбедување. Се градеше во две фази. „Првата фаза од изградбата на оваа установа се одвиваше во периодот од 2008 до 2009 година во која се изгради затворската зграда, трафостаницата и пречистителната станица, за што беа издвоени 72 милиони денари. Реализацијата на втората фаза започна во 2011 и притоа беа изградени посебен дел за прием и контрола на лица и пратки, дел за администрација, матично одделение за прием, регистрација и архива, гаража и енергетски блок, простории за остварување посети на осудените и притворените лица, посебна амбуланта, кујна, трпезарија и перална, посебна просторија за задоволување на верските потреби, работилница за работно ангажирање на осудените лица, како и спортски терени за спортување и одржување на физичкото здравје на затворениците“, рече премиерот. За Беџети пак, ова се реформски активности за подобрување на условите за престој на осудените лица во затворските установи. „Изградбата на затворот Куманово е дел од активностите во рамки на проектот за реконструкција на КПУ. Тоа е исклучително значаен проект кој е поддржан со заем од Банката за развој на Советот на Европа и буџетски средства на РМ. Во неговите рамки се опфатени изградбата на КПД „Идризово“, која започна во текот на овој месец, изградбата на малолетничката установа Воспитно-поправен дом во Тетово, како и изградбата и реконструкцијата на затворот „Скопје“, истакна Беџети.
Слично

Поврзани вести