Отпуштени професионални војници шест дена штрајкуваат со глад
Поранешни војници од Армијата на Република Македонија веќе шести ден гладуваат во шаторите пред Собранието, чекајќи повторно да бидат вработени.
Тие бараат да им се реши статусот на стотина војници кои беа отпуштени со законските измени во 2014 година и тие повторно да бидат вработени.
Овој закон предвидува дека војниците можат да работат до 45 години, а не како до сега до 35-38 години, возраст на која биле отпуштени овие војници.
„ Без работа не се живее, тоа го знаат сите кои поминале низ ваква агонија на овој чекор се одлучивме после многу средби и преговори кои не вродија со плод" - вели Марјанчо Гурбански.
Без работа се уште 78 нивни колеги, кои не беа опфатени со измените во Законот донесен за враќање на отпуштените професионални војници на работа, кој предвидуваше враќање на работа само на оние кои на 31 декември 2013та година имале статус на невработено лице.
Тие поднесоа и иницијатива до собранието за оваа ставка да биде избришена и правдата да биде задоволена.
Војниците планираат да го продолжат штрајкот со глад, иако здравствената ситуација им се влошува.

