ОТПОВИКАН Е ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА ГД „ТИКВЕШ“ - зошто си заминува Диме Гурев од позицијата
Компанијата „Гоце Делчев“ Тиквеш од Кавадарци отповикува еден свој член на Управниот одбор, а за тоа ја извести инвеститорската јавност преку Македонската берза.
Имено, како што стои во кусото известување до Берзата, од член на Управниот одбор на најголемата домашна компанија за производство на трпезно грозје и на вински сорти е отповикан Диме Гурев.
Овде само треба да се напомене дека оваа компанија не е винарската визба „Тиквеш“, туку друга компанија, која се занимава со производтво и извоз на трпезно грозје.
Во објавата до Берзата не се наведени причините зошто е отповикан овој член на Управниот одбор.
Инаку, за оваа компанија Гоце Делчев Тиквеш е познато дека нејзина основна дејност на ГД-ТИКВЕШ АД Кавадарци е земјоделско производство. Вкупната површина на која друштвото го врши своето производство е 1042 ха. Основни производи се винско грозје на површина од 555 ха и асталско грозје на површина од 250 ха. Винското грозје е застапено со 69 отсто, а асталското со 31 процент. Продажбата на своите производи ГД-ТИКВЕШ во последните неколку години ја остварува на домашниот пазар, а од другите држави продажба се остварува во Република Србија и во Белорусија. Споредни дејности се одгледување на житни култури, фуражни култури и овоштарство од кое на површина од 38 ха е застапен насад со праски.
Според состојбата на ЦДХВ, доминантен сопственик со дури 87,2 отсто од акциите е физичкото лице Ристо Милев.
Н.Н.Ф.
