Откриени превозници на азиланти
Две лица од Кочани и едно од Скопје се уапсени во полициска акција под сомнение дека организирале патувања на лажни азиланти и го злоупотребувале безвизниот режим.
Според МВР, приведените со комбе со германски регистарски таблички превезувале лица од источна Македонија, преку Косово за Германија.
За услугата наплаќале одредена сума пари, а лицата по пристигнувањето во Германија се пријавувале како баратели на азил.
Речиси шест пати повеќе баратели на азил од Македонија пристигнале во Германија минатата година, во споредба со 2011, покажаа податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг.
Така, во 2011. година имало вкупно 1.753 барања за азил од Македонија, во 2012 бројот се зголемил на 6.889, а минатата година достигнал 9.418.
Трендот годинава е уште поалармантен – само во јануари, азил во Германија побарале дури 1.024 македонски државјани. Како што посочува Кристоф Сандер од канцеларијата на претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци, бројката на прифатени барања за азил е минимална и во изминативе години се движела околу 0,3 проценти.
Причината за одбивањето на барањата за азил како неосновани е што Македонија спаѓа во групата на трети безбедни држави. Сепак, ова не е доволно за да ги одврати азилантите од идејата да бараат подобар живот во Германија.
Слично
