Откази за петтемина вработени во Катастар што „утнаа“ за парцелата кај НБРМ
Агенцијата за катастар на недвижности им подели откази на сите петмина вработени службеници за кои се утврди дека погрешно го информирале Министерството за транспорт и врски за сопственоста на градежната парцела на НБРМ каде што требаше да се гради хотел.
„По спроведената дисциплинска постапка, согласно Законот за државните службеници, Дисциплинската комисија утврди дека петте државни службеници сториле дисциплински престап – неизвршување односно несовесно и небрежно вршење на службената должност, како и давање на неточни податоци на државните органи, со што е предизвикана потешка значителна повреда на службената должност и угледот на службата, односно на Агенцијата за катастар на недвижности. Поради тоа, согласно член 68 став (2) од Законот за државните службеници изречена е дисциплинска мерка – престанок на вработувањето“, стои во соопштението од Катастарот.
Спорната градежна парцела во строгиот центар на Скопје предизвика внимание во јавноста заради ниската цена по која беше продадена од 71 денар за метар квадратен. Сепак, Министерството одлучи да го поништи тендерот дури откако се појавија тројца сопственици на дел од парцелата, на кои сопственоста им била вратена со денационализација.
Измените не биле уредно внесени во катастарските документи, а Министерството пред продажбата добило информација дека парцелата е во целосна сопственост на Република Македонија.
Слично
