Економија, финансии, бизнис

Контакт

Откажани денешните пристигнувања на крузери на Санторини поради штрајк на туристичките автобуси

Откажани денешните пристигнувања на крузери на Санторини поради штрајк на туристичките автобуси

Два крузери со 2.126 и 2.504 патници го откажаа денешното планирано пристигнување на грчкиот остров Санторини, поради штрајкот на туристичките автобуси, а еден крузер со 3.200 патници го одложи пристигнувањето за утре, информираа од општина Санторини.

Здружението на туристички автобуси на островот за денеска закажа целосен прекин на работата во опслужување на патниците од крузерите реагирајќи на примената на новата мерка „70 отсто-30 отсто“ што се однесува на новиот систем за распределба и управување со патниците од крузерите при нивното пристигнување на Санторини, воведена од Општинскиот пристаништен фонд.

Мерката „70-30“ предвидува 70 отсто од патниците од крузерите да пристигнуваат на старото пристаниште во Фира, а 30 проценти на новото во Атиниос од каде што ќе ги преземаат туристичките автобуси за да ги префрлат на популарните дестинации на островот, а според Пристанишниот фонд, оваа регулатива има за цел подобро управување со подобро управување со туристичките текови и справување со прашањата поврзани со сообраќајот и безбедноста.

Од Здружението на туристички автобуси на островот, посочија дека одлуката за штрајкот не била лесна, бидејќи, како што велат, се свесни дека нивниот прекин влијае на целата локална заедница, на бизнисите и економијата на Санторини и не е насочена ниту против жителите, ниту против бизнисите или посетителите.

Но, истакнаа дека конкретната мерка е „неправеден и нефункционален систем на распределба без примена на временски термини за истоварување на патниците од крузерите помеѓу Фира и Атиниос“, додавајќи дека недостатокот на соодветни паркинг-простори за туристичките автобуси, отсуството на организирани места за средби и недостигот од севкупно планирање, создаваат сериозни секојдневни проблеми во сообраќајот, во услугите за посетителите, во нормалното функционирање на локалниот пазар и придонесуваат за нарушување на угледот на островот.

Од друга страна, од општина Санторини соопштија дека сопствениците на туристичките автобуси, наместо дијалог одбираат штрајк, сметаат дека е несфатлива нивната одлука, а на средбата што ја одржале во саботата не изразиле никаков приговор.

- Со објавувањето на штрајкот на Здружението на туристички автобуси, бродовите „Sinfonia“ со 2.126 патници и „Norwegian Pearl“ со 2.504 патници го откажаа своето планирано пристигнување за понеделник 22 јуни. Бродот „Celebrity Ascent“ со 3.200 патници го презакажа пристигнувањето за вторник 23 јуни. Отсуството на овие пристигнувања ќе ги погоди бизнисите што имаат корист од посетителите од крузерите. Санторини нема потреба од вештачки тензии. Има потреба од одговорност, соработка и почит кон локалната заедница и луѓето кои живеат и работат на островот, соопштија од општината.

Слично

Поврзани вести