Економија, финансии, бизнис

Контакт

По тешкотиите на проектот „Компјутер за секое дете“, ВМРО-ДПМНЕ најавува набавка на 300 илјади таблет-компјутери!

По тешкотиите на проектот „Компјутер за секое дете“, ВМРО-ДПМНЕ најавува набавка на 300 илјади таблет-компјутери!
По тешкотиите со кои се соочи проектот “Компјутер за секое дете“, што го спроведе владата предводена од Никола Груевски, сега ВМРО-ДПМНЕ во својата избoрна програма најавува дека доколку ја добие власта на овие парламентарни избори ќе набави 300.000 таблет –компјутери за учениците од основното и средното образование. Проектот „Компјутер за секое дете“ беше остро критикуван во јавноста бидејќи нема прецизини податоци колку компјутери точно се набавија, колку од нив се употребуваат, а колку се надвор од функција и скапуваат во подрумите, дополнително беше на удар на јавноста и поради тоа што дел од компјутерите постојано се мета на крадците. При тоа нема ниту прецизна информација, колку компјутери се украдени од училниците, колкава е штетата и дали некој сноси одговорност за сето тоа. Нити пак досега институциите соопштиле дека некој од крадците на комјутерите бил фатен. И покрај критиките, сега ВМРО-ДПМНЕ најавува купување на  300 илјади таблет-компјутери во рок од три години почнувајќи од 2016 година, но нема информација колку пари би чинела таа набавка и како би се финансирал проектот. „Ќе продолжиме да ја осовременуваме наставата за нашите ученици, преку набавка на нови 300.000 таблет компјутери (со тастатура) за сите ученици во основно и средно образование. Министерство за образование и наука ќе продолжи и со набавка на интерактивни табли за основните и средни училишта. На тој начин, ќе се обноват компјутерите за учениците и ќе се овозможи внесувањето на нови дигитални содржини, кои ќе овозможат посовремен и поактивен пристап во совладувањето на наставата. Тоа ќе придонесе за подобар квалитет на образовниот процес и подобри резултати на македонските ученици, стои во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ. Новковски: Пропаганда на штета на вкупното образование Ова е само уште една од активностите преку коишто неефикасно се трошат оскудните средства на Министерството за образование и наука, смета поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Тој дополнително потенцира дека станува збор за популистичка мерка , која е на штета на образованието. „Со години на ред,  јавните расходи за образование остануваат на нивото од 3,5 % од БДП, а за наука се спуштија на многу мал износ. Конкретно, предвидените со буџетот средства за научно-истражувачки проекти се во износ од 2,5 милиони евра. Наспроти тоа, за ставки што не се суштински се издвојуваат многу поголеми средства. Таков е случајот со учебниците и сега со таблетите. Проценентиот износ на средства за таа набавка би бил околу 30 милиони евра, што е огромно во однос на средствата за извршување на клучната функција на државата според Уставот, поддршката и поттикнувањето на научните истражувања, вели за Фактор Новковски. Таквите несуштинки проекти коишто трошат многу средства се на штета на основното функционирање на системот на обрзованието и науката. „Пропагандниот ефект на прв поглед е позитивен – бесплатно нешто - но веднаш потоа се забележува дека тоа е за сметка на квалитетот на образованието и суштинските функции на системот коишто се запоставуваат, додава Новковски. Дополнително, анализирајќи ја програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Новковски потенцира дека овој проект најверојатно бил отпосле додаден, бидејќи иако сите други проекти во програмата имаат реден број, а овој проект е ставен без реден број, односно меѓу проектите со реден број 18 и 19 што се однесуваат на образованието. Кекеновски: Памфлет за дневно политичка употреба Овој проект би бил  во ред кога останатите, пред се егзистенцијални проблеми на граѓаните, но и условите во кој учат учениците би биле решени и би биле на завидно ниво, смета унивезритетскиот професор Јове Кекеновски. „На ваков начин ова станува обичен памфлет за дневно политичка потреба. За да се оди на ваков чекор потребно е да се даде отчет за се она што стана со компјутеризирањето на училиштата, со проектот комјутер за секое дете, односно колку тие компјутери се користат за добивање на занење или пак во најголем дела во училишта фаќааат прашина или служат за играње на комјутерски игри, вели за Фактор Кекеновски. За осум години ВМРО-ДПМНЕ инвестирала 35,7 милиони евра во училиштата, што е помалку од сумата потрошена за изградба на Стариот театар во Скопје Во ситуација, кога голем број од училиштата се наоѓаат во незавидна состојба и им се потребни инвестиции за обнова на кровови, прозорци и санитарни јазли, најавата за набавка на 300.000 таблет-комјутери и при тоа надополнета со фактот дека пред извесно време беа набавени комјутери за секое дете, се толкува како чисто популистички метод, но и проект кој остава простор за многу сомнежи. Имено, и во самата програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека на голем број од училиштата им е потребна реконструкција и затоа тие се наведени во нивната изборна програма. „Односно, дури 48 училишта со вкупни 31 илјада ученици чекат промена на крововите. Потоа 59 училишта со вкупно 44 929 ученици чекаат промена на санитарните јазли. 35 училишта со вкупно 14 636 ученици имаат потреба од санација на греењето, а 39 училишта со вкупно 130 156 ученици чекаат на замена на прозорци и 19 училишта со 16 499 ученици чекаат промена на подовите“ и сите се наведени во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Но, токму ова ја отвора дилемата зошто по толку години власт и милионски суми потрошени за само за проектот „Скопје 2014“, овие училишта дури сега се најдоа на листата на ВМРО-ДПМНЕ?  А, дополнително, во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека тие како владејачка партија од 2006 до 2014 година инвестирале 35,7 милиони евра во изградба, санација и реконструкција на основните училишта. Оваа сума, шти е наведено дека ја инвестирале во училиштата за осум години е нешто помала од сумата потрошена за изградба само на Стариот театар во Скопје. С.Н.
Слично

Поврзани вести