ОТЧЕТ НА СЈО: Дали обвинителките ја завршија работата?
Шест месеци работа, покренато обвинение за еден случај, досието “Титаник“. Превземени 36 предмети од Јавното обвинителство поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните материјали. Денеска Специјалното јавно обвинителство, во согласност со законската обврска, треба да достави отчет пред Собранието, извештај за шест месечната работа. Меѓу предметите за кои се лицитира како идни ообвинителни досиеа се “Ровер“, “Прислушувани новинари“, “Монструм“, “Космос“. Дел од политичките аналитичари за “Фактор“ ги сумираат оценките за работењето на СЈО, но и очекувањата дали тоа ќе успее да ја заврши “домашната работа“.
СЈО со извештај – што сработија за шест месеци?
Специјалното јавно обвинителство одговори на својата задача, во овие шест месеци отвори голем и проблематичен случај за изборни нерегуларности, а веќе се започнати уште три нови истражни постапки и покрај институционалните и политичките бариери со кои се соочија истражителите, оценуваат дел од политичките аналитичари.
“Мислам дека СЈО во согласност со своите надлежности направи многу, но за жал а беше и очекувано тоа, имаше и опструкции преку политички изјави на политички партии на власт но блокади и од страна на институциите. И покрај тоа, СЈО сеуште влеваат надеж и сигурност во јавноста дека ќе ја завршат работата, а особено значајно е тоа што Специјалното обвинителство има силна поддршка од меѓународната заедница“, вели за “Фактор“ Исмет Рамадани, претседател на Евро-атланскиот совет на Македонија.
Денеска, пред Собранието и Советот на јавни обвинители, СЈО ќе го достави шестмесечниот извештај за работата, кој според законските решенија, треба да содржи податоци за активностите на СЈО, вклучувајќи и опис на напредокот во која било истрага или гонење преземено од страна на јавниот обвинител.
„Во таквиот извештај јавниот обвинител може да изостави материјали што, според него, треба да се чуваат како доверливи, но тој ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, се наведува во Законот за Специјалното јавно обвинителство.
Од СЈО соопштија дека тие се законски обврзани да го достават извештајот, но не и обврска тој да се образложува. Политичките аналитичари сметаат дека досегашната шестмесечна работа на СЈО навестува дека обвинителство не само што нема да забави со своите активности, туку дека веќе голем дел од работата е завршена, се чека разврска преку обвиненија.
“Во поглед на должината на политичката криза, максималната инфилтрираност на кадрите.на ДПМНЕ во сите државни институции, процентот на успех на работата на СЈО е завиден. Земајќи ги предвид опструкциите од техничка причина како на пример недостатокот на простор и проблемите со буџетот, ДПМНЕ очекуваше СЈО да падне на испитот, а јавноста беше малодушна поради честите потфрлања на државните институции“ - вели аналитичарот Соња Стојадиновиќ.
Според информациите достапни во јавноста, а презентирани од Специјалното јавно обвинителство, досега се започнати три истражни постапки, како и 15 нови предистраги кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките што се однесуваат на градежни работи.
Специјалното јавно обвинителство досега отвори еден случај под името “Титаник“ за изборни нерегуларности во кој меѓудргите се сомничат поранешните министри, Гордана Јанкуловска за внатрешни работи, Миле Јанакиевски за транспорт и врски, генералниот секретар во Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и уште неколку лица. Брањето на СЈО за одредување мерка притвор за осмоничените беше одбиена од страна на судот.
Од СЈО објавија дека работат на уште неколку случаи. Започнати се 3 истражни постапки, но и 15 нови предистраги кои се однесуваат на проверки поврзани со злоупотреби на постапки за јавни набавки, финансирањето на медиумите, даночно затајување, разни коруптивни дејствија, перење пари и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките што се однесуваат на градежни работи.
Неодамна, истражителите од СЈО писмено се огласија, посочувајќи на опструкции од страна на институциите.
„Од институциите што одбиваат соработка со ова јавно обвинителство првенствено би ги споменале Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како Петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, стоеше во соопштението на СЈО.
Специјалното јавно обвинителство од Јавното обвинителство ги бара и предметите за „Маѓар телеком“, за пиштолот на Зоран Верушевски и предметот против синот на Верушевски за детска порнографија, но се уште чека на одговор од Советот на јавни обвинители.
Р.Ф
Слично
