Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОТЧЕТ: Кои се проектите што не успеа да ги реализира Владата?

ОТЧЕТ: Кои се проектите што не успеа да ги реализира Владата?
Вкупно 1.009 проекти планирани пред последните парламентарни избори се веќе реализирани, 329 се во тек, а 38 биле планирани, но не се почнати, се пофали премиерот во оставка и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната презентација на отчетот за сработеното во мандатот од 2011 до 2014 година. Ова се проектите кои од најразлични причини не биле остварени, иако биле ветени пред последните избори. Притоа, Владата за дел од нив нуди и образложение зошто реализацијата на овие ветувања доцни: - Проект „Социјалните служби во поддршка на социјалниот развој и кохезијата“, кој ќе поддржи подготовка на повеќе модели за распределба на дотацијата од ДДВ со повисок степен на воедначување. Реализацијата на овој проект е во мирување бидејќи се намалени средствата од донаторот за таа намена. - Проект Поврзување од Битола до Гевгелија преку реконструкција и изградба на регионални делници во мариовскиот регион. Изработена е комплетна проектна документација, градбата ќе започне по обезбедување на финансиски средства за реализација. - Пат до Граничен премин помеѓу Република Македонија и Србија (Голема Црцорија–Голеш). Овој проект ќе биде реализиран од страна на Јавното претпријатие за државни патишта во соработка со Македонија пат во текот на 2015 година. - Проект Рехабилитација и изградба на мостови во Република Македонија. Со програмата на ВМРО-ДПМНЕ 2011–2015 година, предвидена беше изградба на мост кај Штипската клучка, на Брајчинска Река кај Маркова Нога, мост на реката Пчиња, Давидово–Удово, Петрошница, Мидинци, мост кај Миладинови, Сопиште, на реката Треска (Македонски Брод – Самоков), кај Пресека, на реката Киселичка, на Пчиња во Коњаре, кај Новоселане и др. Од причина што во овој период биле утврдени поприоритетни мостови кои било неопходно да се санираат, од кои дел беа оштетени од поплавите што ја зафатија Македонија, овие проекти не беа реализирани. - Изградба на железнички крак од Коридорот 10 кон Кавадарци, во должина од 6 км. Овој проект беше предвидено да се реализира по пат на јавно-приватно партнерство заради поврзување на поголемите компании како ИГМ Кавадарци кон железничката мрежа. Поради немање интерес од страна на приватните инвеститори истиот не е реализиран. - Изградба на каскадни прегради на реката Вардар и решавање на проблемот на фекалните води на дел од градот Скопје (без образложение зошто не е реализиран) - Изградба на пешачки патеки, хортикултурно уредување и осветлување на езерата во Република Македонија. Уредување на крајбрежјата на езерото Козјак, Преспанското Езеро, езерото Матка, Охридското Езеро, Прилепското Езеро, езерото Глобочица, Тиквешкото Езеро, езерото Водоча, езерото Мантово, езерото Турија, езерото Калиманци, езерото Градче, езерото Паљурци, Липковското Езеро и езерото Мавровчица. (без образложение зошто не е реализиран) - Со претходните долгорочни планови и елаборати на АД ЕЛЕМ, беше планирано континуираниот процес на производство на електрична енергија од РЕК Осломеј да продолжи со јагленот од наоѓалиштето Поповјани, кој располага со 10 милиони тони експлоатациони количини на јаглен и се наоѓа на растојание од три километри до ТЕ Осломеј. За реализација на планираните активности за рудникот Поповјани, беа спроведени низа подготовки, средби и разговори со локалното население и со општината Осломеј, во насока на отпочнување со овој проект. - Проект Вардарска долина. Изработена е нова физибилити-студија од страна на АД ЕЛЕМ, која покажува дека за целосна реализација на проектот се потребни 1,9 милијарди евра. Тоа вклучува и средства за дислокација на железничката пруга по Коридорот 10. Со оглед дека износот на средства ги надминува финансиските можности на Република Македонија, се прават анализи за модалитетите за реализација на проектот. - ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. Во периодот 2011-2013 објавени се 2 тендера за изнаоѓање на инвеститор, но заради општата состојба во ЕУ и должничката криза не е доставена соодветна понуда од инвеститорите. По извршените консултации со заинтересираните компании, во соработка со IFC се работеше на редизајнирање на проектот и на 30.01.2014 година објавен е нов тендер, за кој досега 4 компании подигнале тендерска документација. - Зголемување на капиталот на ЕЛЕМ. Во оваа фаза се оцени дека долгорочен интерес на Република Македонија е АД ЕЛЕМ да остане во целосна државна сопственост. - Обезбедување локација за изградба на Аква-парк од страна на приватни инвеститори. Предвидената локација е пренаменета и опфатена со проектот Студентски град. - Систем за издавање дигитални сертификати (PKI). Заради имплементација на останатите приоритети и согласно со буџетските планови, реализацијата на овој проект е одложена за наредниот период. - Управување на односите со граѓаните (CRM). Заради имплементација на останатите приоритети и согласно со буџетските планови, реализацијата на овој проект е одложена за наредниот период. - Едукација за користење на WiFi-пунктовите. Реализацијата на овој проект е предвидена за наредниот период. - Е-Избори. Нереализирано поради немање на политичка согласност од опозицијата. - ECDL-обуки и сертификација за невработени лица и лица со инвалидност. Нереализирано поради тоа што приватниот сектор сè уште нема обезбедено и воведено услови за ECDL-обуки и сертификација. - Овозможување на земјоделците средствата од субвенциите да ги користат за обезбедување на кредитите. По направени анализи и консултации, мерката е заменета со мерката за зголемување на средствата во Земјоделскиот кредитен фонд, како и зголемување на буџетот за финансиска поддршка на руралниот развој. - Воспоставување систем за планирање на истражувањето во областа на земјоделството и руралниот развој преку повеќегодишната програма за истражување подготвена во консултации помеѓу Министерството за земјоделство и земјоделските истражувачки институции. Ветувањето ќе се реализира во 2015 по донесувањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој врз основа на што треба да се подготви повеќегодишната програма. - Поддршка на формирањето Локални акциски групи составени од претставници на локалната самоуправа, бизнис-заедницата и на невладиниот сектор за подготовка и спроведување на мерки што произлегуваат од потребите на локалната заедница. Имплементацијата на оперативните програми на овие групи ќе биде поддржана со висок степен на кофинансирање преку програмите за рурален развој. Мерката ќе се реализира како мерка од програмата ИПАРД, за што се започнати подготовки. - Финансиска поддршка за помали инфраструктурни проекти од големо значење за подобрена енергетска и функционална ефикасност на водостопанските претпријатија. Поддршката ќе се однесува за најмалку три проекти годишно, а издвоениот износ за еден проект ќе изнесува најмногу до 300.000 евра преку програмите на Министерството за земјоделство. Овие средства треба да придонесат кон обнова или проширување на мрежата за наводнување на нови површини каде има интензивно производство, да се заменат старите пумпи со нови кои се енергетски поефикасни, или да се инвестира во проекти како мини-хидроцентрали заради обезбедување на дополнителни приходи на претпријатијата. Енергетско-ефикасните проекти, како и проектите за инвестиции во производство на електрична енергија ќе бидат дел од повеќегодишниот „План за инвестирање во водостопанската инфраструктура за периодот 2014-2025 година“. - Проект „Електронска лична карта‘‘. Првично се дефинирани глобалните граници на проектот од страна на меѓуресорска работна група во координација на МВР, но заради потреба од дополнителни функционалности, ќе се пристапи кон редефинирање на проектот, изготвување на нова функционално-техничка спецификација и дефинирање на буџет за проектот. - Намалување на стапките на придонеси од задолжително социјално осигурување. Во 2012 беше предвидено вкупните стапки да се намалат од 26,5% на 26,3%, во 2013 да се намалат од 26,3% на 26,0%, во 2014 да се намалат од 26% на 25,7%, а во 2015 беше предвидено вкупните стапки да се намалат од 25,7% на 25,4%. Стапките коишто беа во важност во 2011 година (26,5%) се применуваат и во 2012, 2013 и 2014 година. Намалувањето се одложи заради ублажување на последиците од продлабочената европска должничка криза и за обезбедување на стабилен приход на фондовите. Доколку дозволат општите економски состојби, во 2015 година тие ќе се намалат за 0,4 п.п., а во 2016 година дополнително ќе се намалат за 0,2 п.п. - Воведување бесплатно студирање на втор и трет циклус на студии. Се преговара со универзитетите за начинот на реализација на оваа активност и за бројот и критериумите за упис. - Проект е-матура. Поради претстојните измени на концептот на полагање на државна матура со воведување на трет екстерен предмет, во насока на обезбедување поголема објективност, е-матура ќе се спроведе од следната учебна година. - Проект Набавка на 4000 интерактивни табли за основните училишта и 400 за средните училишта, за нов и современ пристап во изведувањето на наставата. Овој проект се спроведува етапно, согласно со општата економска состојба и финансиските можности на буџетот. - Современ Национален центар за ургентна медицина, за згрижување на сите граѓани што се наоѓаат во непосредна животна опасност и каде што ќе добијат квалитетна и навремена здравствена услуга. Предвидено е Националниот центар за ургентна медицина да биде составен дел на новиот клинички центар „Мајка Тереза“. Веќе е подготвен национален протокол за тријажа за ургентни состојби врз основа на најдобрите светски искуства, што ќе служи за обука на медицинскиот персонал вклучен во Националниот центар за ургентна медицина. Дополнително, за прв пат во македонското здравство се воведени специјализации по ургентна медицина што ќе овозможат највисок степен на ургентна здравствена заштита. Во регионалните болници ќе формираме единици за ургентна медицина за вршење на тријажа на итни болни и нивно поврзување со Националниот центар за ургентна медицина, со цел достапност на навремена здравствена интервенција на целата територија на РМ. - Редефинирање на пакетите на здравствени услуги и можноста за поделба на државниот здравствен фонд. Министерството за здравство сериозно пристапи кон проблематиката на пакетот на здравствени услуги и можноста за поделбата на државниот здравствен фонд. По направена сериозна анализа, разгледани повеќе можни сценарија и повеќе странски искуства, и заложбата да не се намали ниедно право кое е веќе стекнато, била донесена стратешка одлука овој проект да не биде реализиран. - Проект „Младински информативни центри“. Со отворањето на првиот младински информативен и советодавен центар во Прилеп во 2010 година, започна реализацијата на овој проект. Во следниот период предвидено е отворање на младински информативни - волонтерски центри, во соработка со МТСП и ЗЕЛС. Преку овие центри се отвора можност за поголема соработка меѓу вклучените страни во младинскиот сектор, а воедно се создава основа за поголема поддршка за личниот и професионалниот развој на младите луѓе, поттикнување на младинскиот активизам и поголема информираност на младите луѓе за информациите кои се интерес за секој млад човек. - Проект „ Донесување на Закон за млади “ – Со одлука на Владата на РМ во 2012 година беше составена Комисија за изготвување на нацрт текст на Законот за млади, кој беше подоцна повлечен. Донесувањето на овој закон е предвидено за 2014 година. - Проект „Млади уметници“ - Овој проект не е реализиран поради недостиг на финансиски средства во рамки на буџетот наменет за сектор млади. - Проект „Креирање на е-информационен систем“, со база на податоци за сите регистрирани спортисти во спортските клубови, членки на 54 постоечки спортски федерации (профил на активни, поранешни спортисти, со прогрес на нивните спортски достигнувања/резултати и сл.). Заради изнаоѓање на подобри и поевтини решенија, проектот не е реализиран во целост. - Проект: „15 атлетски модули“. Заради недоволни финансиски средства, односно давање приоритет за изградба на 2 современи Сертифицирани атлетски патеки на стадионот во склоп на спортскиот центар „Билјанини извори“ во Охрид и Арената Филип II во Скопје, следи проширување на спортската инфраструктура за атлетскиот спорт, со изградба на 15 атлетски модули. Со изградба на горните модули, ќе се овозможи следење на светските развојни трендови на школската Атлетиката, а 24-те атлетски дисциплини, ќе се групираат согласно прифатената природна поделба на: тркачки,скокачки и фрлачки дисциплини со што ќе се одбегне изградба на скапи атлетски патеки. Проектот ќе се реализира во периодот 2014-2018 година. - Проект: „50 патеки со помагала за вежби“. Во тек е подготовка на потребната законска и проектна документација, а изведбата на проектот ќе стартува во текот на 2015 година. - Проект: „Реновирање на постојни спортски сали“. Заради нерасчистени имотно правни односи и раскинување на штетни концесионерски договори (освен салата „ПАРК“ во Струмица и салата „Бучим“ во Радовиш), Проектот не е реализиран во целост. За потребите на аматерскиот (масовниот), професионалниот и рекреативниот спорт на граѓаните на територијата на целата држава, Агенцијата за млади и спорт, до крајот на 2014 година ќе донесе Уредба за класификација на сите спортски објекти, согласно која над 130 постоечки спортски објекти ќе бидат класифицирани во 2 категории: 1. објекти од национален интерес и 2. објекти од локално значење. По извршена распределба ќе следи потребната санација/адаптација на сите постојни објекти.
Слично

Поврзани вести