Освен со Германија, со кои други земји најмногу тргува Македонија?
Во периодот јануари-октомври 2016 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-октомври 2016 година, изнесува 219 292 570 илјади денари и бележи пораст од 5.8% во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-октомври 2016 година, изнесува 307 166 245 илјади денари, што е за 5.7% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври 2016 година, изнесува 87 873 675 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-октомври 2016, изнесува 71.4%. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
