Осуммина демонстранти добија условна казна, Вујкото на Мартин Нешковски доби казна затвор
Денес демонстрантите кои протестираа и беа уапсени вечерта на 5 мај седна на обвинителна клупа.
Медиумите пренесуваат дека сите демонстранти се осудени на условни казни, седум од вкупно деветте обвинети добија условни казни од 3 месеци, еден од нив доби условна казна од 1 година и еден од обвинетите е осуден на 10 месеци затвор, бидејќи е веќе осудуван за слично дело.
Осудениот на затворска казна е вујко на Мартин Нешкоски кој и претходно бил осудуван за кривично дело „учество на толпа“.
Отежнителна околност за него е што обвинетиот го сторил кривичното дело додека бил на условна казна за истото дело, пренесува Макфакс.
Претходно, девет демонстранти кои што беа обвинети за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“, на протестите кои се случија пред Владата на 5 мај, пред судот ја признаа вината.
Сите деветмина се изјаснија дека се виновни и дека вината ја признаваат без никаков притисок, јави репортерот на Макфакс.
Адвокатот на петмина од демонстрантите, Мирослав Вујиќ, побара судот да ја земе во предвид состојбата во која се наоѓал вујкото на Мартин Нешкоски како дел од семејството кое изгубило близок член.
Протестите на 5 мај беа организирани откако опозицијата објави аудио снимки во кои што високи функционери од власта наводно се обиделе да го скријат убиството на Нешкоски, кое се случи ноќта помеѓу 5 и 6 јуни 2011 година, додека власта ја славеше изборната победа.
На протестите пред Владата дојде до судир помеѓу демонстрантите и полицијата.
