Oсум лица осомничени за корупција на УКИМ
Осомничени се осум лица од кои шест се универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс.
Тие се сомничат за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување сексуални услуги заради полагање на испит.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повеќемесечна оперативна обработка на податоци, прибра докази до степен на основано сомнение за сторени кривични дела со коруптивна природа каде оштетени се студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје“ - информираат од ОЈО. При преземените дејствија за прибирање докази по издадената Наредба за претрес, вчера еден од професорите е затечен во извршување на кривично дело, примање на поткуп од 1.000 евра, а за останатите се обезбедени докази во изминатиот период.
Предметот е во предкривична постапка. Надлежниот јавен обвинител ја прима кривичната пријава и врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување на присуство на лица и предмети во текот на постапката, по што ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана.
