Осум компании ќе нудат регистрација на интернет домени
Национален домен (.мк) ќе може да се регистрира електронски, од кој било компјутер, преку услугите на осум компании задолжени за регистрација - ова се новините кои ги овозможува либерализацијата на регистрацијата на национални домени.
Досега Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ) беше единствен субјект на пазарот преку кој можеше да се регистрира доменот (.мк).
„Пазарот ќе си го направи своето. Услугата што ја плаќаат сите кон МАРНЕТ е една иста и фиксна, но тоа не значи дека нема простор тие да ја намалат за да понудат друга додадена вредност во пакет. Во неформалните разговори дел од нив тоа го презентираа како бизнис модел за привлекување на граѓаните за да реализраат за нив други проекти“, вели министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Други компании регистрари на домени поврзани со МАРНЕТ се „Вертувио“, „Ултранет“, „МК кост“, „Некст ЕМ“, „Тим корпошрејшн“, „Процес ин“, „Марксум регистри“ и „Веб глобал итц“. Во Македонија моментно се регистрирани над 36.000 национални домени, а либерализацијата на пазарот се очекува да овозможи нивно значително зголемување.
За да се изведе процесот на либерализација била потребна имплементација на комплетно нов систем за поврзување на МАРНЕТ со компаниите регистрари за да се одвива процесот автоматски.