Осудените за „Агент“ обвинуваат дека случајот против нив е монтиран
Тројца осудени во судскиот процес за случајот „Агент“: Слободан Богоески, Владо Пешликоски и Васко Томановиќ, за кои Апелација минатата недела ги потврди пресудите за сторено кривично дело, преку писмо до медиумите обвинија дека случајот против нив е намерно конструиран и монтиран, а прстот за тоа го вперија кон обвинителот за организиран криминал и корупција Јован Илиевски и судечките судии во процесот.
„Оваа пресуда, која ќе влезе во аналите на судството во Македонија, е еклатантен пример на суспензија на законите и груба повреда на Уставот на Република Македонија. Имено, по налог на „фамилијата“ која владее со извршната, законодавната и судската власт во Македонија, Јован Илиевски започна постапка за гонење на организиран криминал кој, наводно, сме го сториле ние, иако знаел дека не постои ниеден факт и доказ за тоа. Противправно бевме лишени од слобода и притворени цели 8 месеци, без основ и без било какви причини кои го оправдуваат тоа, со голо наведување дека има право Обвинителот да побара, а Истражниот судија да определи притвор, согласно одредбите на Законот за кривична постапка“, стои во писмото.
Притоа, се нагласува дека Основниот суд Скопје I – Скопје, буквално препишувајќи го Обвинителниот акт, ги прогласил за виновни и ги осудил сите лица кои беа обвинети, а Апелациониот суд само го потврдил препишаното.
„Овој криминално – политички мотивиран и конструиран случај, изведен е со груби прекршувања на Законот и суспензија на со Устав загарантираните човекови права и слободи на граѓаните... Но, зошто сето ова го конструираше и изведе „фамилијата“ која владее со Македонија и која, меѓу другите злодела, ја суспендира независноста на судската власт? Одговорот лежи во ПАРИТЕ. За да се дограбат до 30 милиони евра од буџетот на Република Македонија, во име на анонимна, оф – шор фирма од Кипар, сопственост на бизнис партнерот на фамилијата, Димитрис Кондоминас, власта го конструираше овој случај“, тврдат осудените.
Според нив, освен штетата што ним им се нанесува, со пресудата ќе биде оштетен и државниот буџет за сума од 30 милиони евра. Имено тие врдат дека на легален начин договориле грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас да се откаже од земјиште кај салата Борис Трајковски кое го купил во 2000 година од Република Македонија, а за возврат да му бидат вратени парите и да добие заштита за другите бизниси во земјава.
Сега со пресудата, на Кондоминас му се враќа правото да ја тужи Македонија пред Арбитражен суд во Франкфурт и да наплати од Македонија околу 30 милиони евра.
Сомнеж дека со пресудата за случајот „Агент“ всушност се штитат интересите на анонимната оф-шор компанија на Кондоминас денеска изрази и „Демократскиот сојуз“ на Павле Трајанов. Од оваа партија, која е дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека „има елементи кои отвораат сомнеж во објективноста при иницијативата и водењето на кривичната постапка“, па затоа случајот „Агент“ треба да биде предмет на анализа пред Републичкиот Судски Совет, Анкетната комисија на Парламентот, како и други надлежни институции.
Според потврдената пресуда од Апелација, поранешниот разузнувач Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на "Меркатор", Митја Валиќ, се осудени на две години затвор во овој случај, а три години робија е потврдената казна за адвокатот Васко Томановиќ кој одговараше за финансиски малверзации.
Слично
