Острите санкции за Русија ќе почекаат
ЕУ одлучи привремено да го одложи понатамошното воведување на санкции на Русија и украинските сепаратисти, сакајќи да го почекаат исходот од можните мировни разговори.
ЕУ одлучила да види што и дали воопшто нешто ќе се договорат лидерите на Германија, Франција , Русија и Украина во Минск во средата за завршувањето на војната на истокот од Украина.
Дури потоа евентуално ќе донесат одлука за стапување на сила забраната за патување и замрзнување на имотот за уште 19 поединци, вклучувајќи пет Руси, поради нивната улога во судирот на истокот од Украина.
Министерот за надворешни работи на Франција Лоран Фабијус денеска на паузата на состанокот во Брисел рекол дека крајната одлука ќе зависи од состојбата на терен.
Тој додал дека уутре во Минск ќе се состанат политичките советници како би се подготвиле за разговорите на германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд , рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот Петро Порошенко.
„Имаме многу работа. Има многу прашања на кои треба да се одговори“, рекол Фабијус прецизирајќи дека тоа подразбира и одговор каде би требало да биде повлечено тешкото вооружување и на кој начин да се обезбедат украинските граници.
