ОСТАВКА: Премиерот Груевски потврди дека ќе се повлече пред 15 јануари
Според договорот од Пржино, премиерот Никола Груевски до 15 јануари треба да поднесе оставка за да се формира нова Влада.
Денеска премиерот потврди дека до тој дека ќе се повлече од премиерската фотелја до тој датум
„Уште еднаш ќе Ви потврдам дека согласно договореното на 15 јануари ќе биде избор на нова Влада, со Претседател на Владата за спроведување на избори. Претходно, секако дека ќе следува мојата оставка, а кој ќе биде човекот што ќе биде Претседател на Владата за спроведување на избори ќе се објави откако ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе одлука. Таа одлука ќе биде јавно промовирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ или преку соопштение, или на прес конференција“, изјави денеска Груевски.
Неколку дена пред Нова година, лидерот на ДУИ Али Ахмети соопшти конкретен датум истакнувајќи дека 10 јануари е датумот кога премиерот Никола Груевски ќе ја ковертира оставката до законодавниот дом.
Рокот за поднесува на оставка согласно договорот од Пржино за излез од политичката криза почна да тече од 15 декември.
Како што предвидува договорот после пет дена откако Премиерот ќе поднесе оставка Парламентот треба да ја избере „преодната влада“.
Еврокомесарот Хан најави посета на Македонија во првата половина на јануари па процедурата за конституирање на преодната влада би се совпаднала со неговото доаѓање.
КОЈ ЌЕ ГО ЗАМЕНИ ГРУЕВСКИ?
Нема дилема дека техничкиот премиер ќе биде од потесното опкружување на Груевски, кој ќе треба позитивно да влијае на имиџот на ВМРО ДПМНЕ во периодот на предизборието.
Периодов се шпекулираше со неколку имиња, а медиумите најголеми шанси му дадоа на актуелниот министер за одбрана, Зоран Јолевски.
Шанса за премиерската фотелја имаат и актуелниот министер за надворешни работи Никола Попоски, а и вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.
Во јавноста се типува и на министерот за финансии, Зоран Ставрески, пратеникот Антонио Милошоски, а и министерот за здравство, Никола Тодоров.
Сепак, нема да биде изненадување, ако ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер предложи сосема ново име, различно од веќе познатите високи функционери на партијата.
Од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ засега не ја коментираат изјавата на лидерот на ДУИ Ахмети, сепак не очекуваат значителни промени во министерскиот состав по смената на челникот на Владата.
Во новата влада сепак треба да останат новоизбраните министри од редовите на СДСМ: Оливер Спасовски во МВР и Фросина Ременски во труд и социјална политика, како и дополнителните заменик-министри во пет ресори.
