Оставка на Рама, техничка влада или бојкот на изборите во Албанија
Албанската опозиција продолжува да ги применува методите на СДСМ во политичката борба со премиерот Еди Рама од кого бараат да си поднесе оставка пред парламентарните избори закажани за 18 јуни, а потоа да се формира и техничка влада, во спротивно ќе ги бојкотира изборите.
Во заедничкото соопштение на опозициските партии, предводени од Демократската партија (ПД) на Љуљзим Баша, се наведува дека тие нема да учествуваат на изборите, доколку „не биде постигнат политички договор што ќе гарантира слободни и фер избори“.
Албанската опозиција веќе три недели протестира пред Владата во центарот на Тирана, слично како тоа што го правеше Заев и СДСМ.
Опозицијата ја обвинува Владата на Рама за корупција и вмешаност во шверц на марихуана и тврди дека „не верува оти таа ќе организира фер избори“.
Опозициските пратеници ја бојкотираат и работата на албанскиот Парламент, со што го блокираат усвојувањето на судските реформи, чие спроведување ЕУ го постави како услов за почеток на преговорите за членство на Албанија во ЕУ.
