ОСТАНАА НЕВРАБОТЕНИТЕ ЗА КОИ НА ПАЗАРОТ НЕМА ПОТРЕБА: Анализа - колку работници се вработија во зоните и како
По 1.289 годишно во просек – толку нови вработувања се реализирале во компаниите, главно странски, кои работат во технолошко индустриските развојни зони во земјава. Податокот е од првата анализа за ефектите од странските вложувања во развојните зони во изминатите 10 години која ја објави Дирекцијата за ТИРЗ. Според сознанијата од анализата, просечниот годишен пораст на бројот на вработените е со стапка од 83 отсто во периодот од 2010 до 2020 година.
Во 2020 година просечниот број вработени во фабриките во зоните изнесува 12.963. Дел од претставниците на странските компании во земјава за „Фактор“ велат дека влезот на тие инвеститори во зоните во периодот пред една деценија значеше вработување на поголем број работници кои дотогаш не можеа да најдат работа. Од тој аспект и странците, но и домашните аналитичари се согласуваат дека зоните и новите компании имаа позитивен ефект на пазарот на трудот.
Таков е ставот и на Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
„Пред 10 години со доаѓањето на странските инвеститори беа вработени лица кои долги години не беа вработени. Тие првично беа вклучени во процеси на производството за кои не беа потребни високи квалификации. Во втората фаза компаниите вработуваа високо квалификувани кадри кои сега се помалку достапни на пазарот на трудот и за кои компаниите се трудат да ги задржат. Сметам дека повеќе во земјата нема невработени, туку има само кадар со квалификации од кои пазарот на трудот нема потреба, вели Мартенс.
Анализата покажа дека сите компании кои се активни во зоните оствариле континуиран раст во изминатава декада и дека постојано растат. Освен раст на бројот на работни места, се регистрира пораст и на платите и на уплатите во Буџетот на државата. Првичните бројки од анализата се дека вкупните приходи на компаниите во ТИРЗ во изминатата декада достигнуваат 875 милијарди денари и бележат просечен годишен пораст од 16 отсто.
Мартенс вели дека сегашните инвестиции се високо автоматизирани при производниот процес и вложувачите имаат потреба од техничари и мехатроничари кои умеат да управуваат со овие машини.
„Со нашиот проект за Дуално стручно образование придонесовме за едукација на кадар во образовните профили техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Наши партнери се 12 компании во 6 градови кои вложуваат да се задржат млади образувани кадри во земјата. Пазарот на трудот има потреба и од инженери, електротехничари, сите профили на занаетчии во градежната индустрија, како и експерти во ИТ-индустријата, овие профили одвај се наоѓаат. Од пред 10 години имаме 100 процентни промени на пазарот на трудот“, укажува Мартенс.
Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони неодамна презентирајќи ги ефектите од работата рече дека во изминатиот период постигнати се договори за инвестиции во зоните кои во 2022 година треба да надминат сума од 188 милиони евра, а од кои треба да се отворат нови 2.700 работни места.
Рече и дека договорите се обезбедени со паметен пристап, а она што радува е што тие вработени ќе имаат плата во компаниите од 843 евра во просек.
Според очекувањата, само со овие нови инвестиции до 2025 година во ТИРЗ ќе има раст од 19 отсто на бројот на вработувања, на над 16.000, раст на приходите кај компаниите за 100 отсто, односно за 3,2 милиони евра, а во следните 10 години во буџетот на годишно ниво ќе се слеат дополнителни 150 милиони евра, што е за речиси 400 отсто повеќе споредено со 2020 година.
Инаку во периодот 2010 – 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесува 21.700 денари, додека во периодот 2017 – 2020 година нето платите во просек достигнуваат 28.686 денари. Дополнително, просечниот број на вработени во ТИРЗ во 2020 е 106 отсто повисок од просечниот број на вработени во 2016.
Ова беше прва ваква анализа со која с епрезентираа дел од ефектите на странските компании во зоните. Целта на анализата е да се поттикне дискусија со академската и деловната заедница, од која натаму ќе произлезат и конкретни заеднички заклучоци и насоки за креирање на новите политики во делот на поттикнување на инвестициите. Дирекцијата за ТИРЗ, заедно со други ресори во Владата најави дека ќе иницира и изготвување на нова методологија на доделување на државната помош, во која ќе се опфати и новиот концепт на работење што веќе се пилотира во тековните разговори за нови инвестиции.
A.T.