Осомничена за бомбашкиот напад во Монако можеби побегнала на Балканот
Интерпол распиша црвена потерница по Украинката Анастасија Березовска, која се сомничи за експлозијата во Монако во која беа тешко повредени украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, неговата партнерка и неговиот 13-годишен син. Според истражителите, таа по нападот ја напуштила територијата на Монако, а не се исклучува можноста да стигнала до Балканот.

Главниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, соопшти дека по осомничената е издаден налог за апсење и дека таа е ставена на црвената потерница на Интерпол. Тој предупреди дека Березовска се смета за вооружена и опасна, како и дека можно е да се движи со помош на соучесници.
Според досегашните информации од истрагата, Березовска по експлозијата пеш ја минала границата кон Франција и се упатила кон градот Бозолеј. Обвинителството смета дека потоа најверојатно заминала кон Италија, а како една од можните насоки на бегство се споменува и Балканот.
Нападот се случил пред луксузна зграда поврзана со Јермолаев, кој според медиумските извештаи бил главната цел. Првично се верувало дека нападот го извршил маж, бидејќи на безбедносните снимки се гледало лице со црна капа кое бега од местото на експлозијата. Истражителите сега сметаат дека осомничената намерно се обидела да го прикрие изгледот, а нејзиниот идентитет бил утврден и преку сведочење.
Правосудните органи во Монако и Франција отворија истрага за обид за убиство, поставување експлозивна направа на јавно место и криминално здружување. Во јавноста се појавија различни теории за мотивот, но засега истрагата најмногу се насочува кон можноста нападот да е поврзан со криминални пресметки.
Јермолаев со години се поврзува со спорни бизнис-релации и, според лица блиски до него, бил особено внимателен околу личната безбедност. Неговата партнерка останува во тешка здравствена состојба, додека повреденото дете е надвор од животна опасност.
Полицијата апелира до јавноста за претпазливост, бидејќи осомничената се смета за опасна и не треба да ѝ се пристапува.
