Основното обвинителство ќе го гони Зоран Божиновски за три дела
Новинарот Зоран Божиновски се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според денешните покренаати обвиненија на Основното јавно обвинителство.
Од ОЈО обелоденувајќи го обвинителниот акт денеска соопштуваат дека по сеопфатното разгледување и анализа на прибраните докази, денеска од Основниот суд Скопје 1 Скопје поднело предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење на основано сомнение дека обвинетиот сторил кривични дела и тоа: Злосторничко здружување од чл.394 ст.2, Шпионажа од чл.316 ст.3 в.в. со чл.45 и Уцена од чл.259 ст.2 в.в. ст.1 в.в. со чл.19 од Кривичниот законик.
„За овие кривични дела осомничениот беше гонет во текот на 2013 година, но поради неговата недостапност на органите на прогонот истрагата беше прекината и продолжи по екстрадиција на обвинетиот од Република Србија во Република Македонија на 21.04.2016 година“, велат од Обвинителството.
Во април годинава новинарот Божиновски кој е познат по бројните критики кон власта беше екстрадиран во земјава.
Министерот за правда на Србија, Никола Селаковиќ ја потпишал одлуката за екстрадиција на Божиновски веднаш откако судот решил дека се исполнети сите претпоставки за негово испорачување. Зоран Божиновски е уапсен вчера наутро во Нови Сад, по потерница од македонските власти за случајот Шпион. Ова е второ апсење на Божиновски во Србија.
Првиот пат, во ноември 2013 година, беше уапсен во Нови Сад по потерница од Интерпол, и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор. Тој пред три години беше пуштен на слобода и досега ја чекаше одлуката за азил од српските власти, кој не успеа да го добие.
ЗНМ бара СЈО да го преземе случајот на Зоран Божиновски
Претставници на Здружението на новинарите на Македонија денеска беа во СЈО.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја информираше Јанева за случајот на новинарот Зоран Божиновски, кој два месеца е во притвор затоа што Јавното обвинителство го осомничи за разни кривични дела. Божиновски во април беше екстрадиран од Србија во Македонија.
Селмани побара СЈО да го превземе одвоениот предмет на новинарот Божиновски од обвинителството за организиран криминал, поради неговата поврзаност со предметот „Шпион“.Формално барање до СЈО за преземање на случајот веќе е доставено.
