Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Орка Холдинг“ ја купи продавницата на „Евро Азија“ во ГТЦ, продавачите заработија милиони

„Орка Холдинг“ ја купи продавницата на „Евро Азија“ во ГТЦ, продавачите заработија милиони

Орка Холдинг во својот извештај за работењето во 2025 доставен до Македонска берза објави дека во текот на минатата година ја купил продавницата на „Евро - Азија Доо“ во Гратскиот трговски центар - Скопје.

„Групацијата Орка Холдинг во изминатава 2025 година успешно ја заврши планираната инвестициска агенда, реализирајќи купопродажен договор со кој се стекна со нов недвижен имот, деловен простор од околу 1.000 м2 во ГТЦ (Евроазија), воедно значително се изнвестираше во изградбата на новиот деловен објект на улица Скупи, во непосредна близина на Бизнис центарот Орка Холдинг и Клиничката болница Аџибадем Систина, чија конечна изградба и технички прием е планиран да се реализира во текот на 2026 година“, објави холдингот.

Сумата на купопродажбата не е експлицитно објавена во извештајот, но кога ќе се види билансот на работење на „Евро - Азија Доо“ за минатата година, може да се претпостави дека станува збор за висока сума. Друштвото на Зоран Андевски и Јане Спировски има речиси 2 милиони евра приходи и раст од 262 отсто на приходите, како и зголемена добивка (безмалку милион евра) за 440 проценти 

Просторот на „Евро Азија“ во ГТЦ Скопје се смета за еден од поголемите продавници во шопинг центарот, на ударно место на првиот спрат. 

За атрактивен локал во ГТЦ Скопје, особено ако е на приземје, кон главните коридори, блиску до влезови, плоштадот или со голема фреквенција на луѓе, цената може да биде значително повисока од просекот. Општопознато е дека цените на недвижнините во овој трговски центар се движат од 4.000 до 7.000 евра за метар квадратен на поатрактивните локации.

„Орка Холдинг“ преку својата фирма за недвижности „Кара“ веќе поседува неколку продавници во ГТЦ. Најголем сопственик на недвижнините е самиот ГТЦ како акционерско друштво основано од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Голем дел на продавници ги поседуваат физички лица, но и банки, аптеки, познати маркети и застапници на модни брендови.

„Орка Холдинг“ во текот на минатата година подели дивиденда од 100 милиони денари, а голем дел од приходите во 2025 се од продажбата на акциите за 48,7 милиони денари на Алта банка како нов купувач на Стопанска банка - Битола.

„Евро - Азија“ работеше во ГТЦ од 1996 година и беше една од попрепознатливите продавници за облека во градот. 

А.К.

Слично

Поврзани вести