Орхан Сулејмани, „Шарена Револуција“: Младоста против олигархијата!
Од активностите на Првата архи-бригада и протестите на АМАН, до студентските, протестите на хонорарците и иницијативата за спас на автентичниот лик на ГТЦ – незадоволството со политиките на власта го имаат искажано најразлични групи низ изминатите десет години. Но, разликата на овие протести со оние кои започнаа на 12 април по одлуката на претседателот Иванов да аболира државни функционери и припадници на политичката елита е во тоа што овој пат граѓани од најразлични социјални, образовни и идеолошки позадини се сплотени позади една заедничка идеја – борбата за слобода, еднаквост и правда, три идеали од кои потекнуваат и барањата на овие протести. Артикулираното незадоволство и отпор, во најразлични форми, е активно со години. А, најизразено се чини е кај младите. Тие неможат и не сакаат да молчат пред реалните проблеми.
Студентот по архитектура Орхан Сулејмани за Фактор вели дека проблемите се многу длабоко вкоренети во нашето општество, па оттука нужно потребна беше реакцијата на граѓаните преку протести да бараат подобра иднина. Огромната и тешко партизирана администрација, високите задолжувања на граѓаните за да може да се даваат плати и субвенции, како и една т.н. фасада политика, која само ги шминка работите од надвор, а има трула внатрешнина, вели го извади народот на улица. Враќање нема, сега се бараат нови решенија и ништо помалку.
“Ние бараме да се повлечат аболициите – чие потпишување е само последна во низата постапки со кои оваа власт го гази правото кое треба да биде еднакво за сите, правејќи одредени лица „поеднакви“ од останатите – и формирање на техничка влада која би ги спровела сите потребни мерки да се врати демократијата и слободата во оваа држава.За жал, уште од почетокот, протестите се пропратени со т.н. контрапротести на кои се носат луѓе под различни притисоци и закани. Со ваквите постапки се наметнува јаз помеѓу граѓаните и што е најстрашно, истиот јаз се претставува како идеолошки или уште полошо -партиски јаз. Ова е само дел од бесрамната пропаганда на власта за партизирање на протестите и банализирање на нашата цел. Борбата не е против една партија и целта не е таа да биде заменета со некоја друга – борбата е со неправдата и фашизмот, а целта е градење општество во кое истите никогаш повеќе нема да бидат проблем со кој граѓаните ќе треба да се соочат”-смета Сулејмани.
РЕВОЛТ ПОРАДИ ПОГУБНИТЕ ПОЛИТИКИ
Неговата остра реторика вели се темели на револтот поради како што ги оценува погубните политики на власта за власт, со кои заборава на својот народ и преку хипокризијата за добар и квалитетен живот со години го турка во сиромаштија и бесцелност. Нешто што најмалку и треба на Македонија во овој момент според студентот по архитектура се уште едни, како што ги опишува недемократски избори, а уште помалку додека на нив се гледа како „спас“ од „кризата“.
“Се додека гнилата политичка елита не само што е на слобода, туку во голем дел е се уште на функција, се додека избирачкиот список останува неисчистен и се додека за месец дена не чека повторување на истиот оној изборен криминал за кој голем дел од аболициите беа потпишани, спроведување и легитимирање на избори на петти јуни е последниот удар кој може да го претрпи и полумртвата македонска демократија”-додава студентот.
ИГНОРИРАНА МЛАДИНА
Игнорирањето на младите од страна на партиите според студентот од Студентскиот пленум е долгогодишна традиција на политичките партии. Чинот на игнорирање и отуѓување на прогресивната младина која започнувајќи со студентските протести во 2014 не останува премолчен и неказнет. Политичката состојба, вели која нормално влијае на сите граѓани, особено силно се одразува врз младите. Запоставувањето на образованието, лошата економска ситуација, високите стапки на невработеност, сиромаштијата и отсуството на најоснови граѓански и работнички права, објаснува Сулејмани, доведоа до две премногу чести појави – масивниот „одлив на мозоци“, и уште побројната група на луѓе која наоѓа комфор во партиски доделената шанса за обезбедување минимални, а неретко и суб-минимални услови за живот.
Поразителна е вели пораката која минатата недела гласноговрниците на власта ја испратија во јавноста за времено укинување на невладините организации и партии кои се неистомисленици на актуелната власт. На овој начин смета студентот, власта сака да се стави крај на се помасовната критична маса која своето незадоволство и прогресивен став одлучува јасно да ги искаже на улица, како последен обид за спас на криминалната елита која е свесна за крајот.
“Не знам дали граѓанското движење ГДОМ се несвесни за иронијата, или едноставно повеќе не се ни обидуваат да се претстават себеси како нешто што не е само продолжение на партијата на власт.Повикаа на времено укинување на сите невладините организации и граѓанските движења во државата, меѓу кои водејќи се според првите две букви од нивното име, припаѓаат и тие. Апсурдноста на барањата на ГДОМ е соодветна за организација со и така апсурдно постоење.Што се однесува на самото барање, примамливиот одговор би бил дека тоа би довело до ново дно на граѓанските слободи во државата и уште еден сигурен чекор кон апсолутизмот кон кој оваа власт се движи веќе со години. Тоа и не би бил погрешен одговор – навистина е загрижувачки да се чуе вакво нешто во оптшество кое себеси се смета за демократко и слободно. Но, ова барање може да се протолкува и на еден поинаков начин – како очајнички акт на една изгубена кауза”-потенцира Сулејмани.
ВРЕДНОСТИ НАМЕТНАТИ ОД ОЛИГАРИХИЈАТА
Борбата која веќе три недели се води за правда, еднаквост и слобода според Сулејмани е борба за прогресивна и сплотена Македонија чиј поглед не е свртен кон антиката – туку кон подоброто утре. Помеѓу шарената популација вели не владее нетрпеливост и недоверба – туку соработка и разбирање, во неа ниту еден човек не е „повеќе еднаков“ од друг,во неа се почитуваат вредности спротивни од оние наметнати од олигарсите и политичкиот врв изминатите 25 години, во кои тие успешно градеа општество на столбови од недоверба, пресија, апатија и страв.
“Приведувањето и изрекувањето мерка притвор на дел од учесниците на протестите е само уште еден неуспешен обид да не заплашат и стивнат, обиди кои упорно не само што не им вродуваат со плод и ние постојано се враќаме на улиците и продолжуваме со протестите, туку постојано и го интензивираат револтот кај демонстрантите, а протестите добиваат на масовност. Зарем некој сериозно помислил дека добар начин да смириш група на луѓе која протестира против нечија аболиција од тежок криминал, е преку приведување и казнување на членови на таа група за фрлање јајца и боја?”-прашува Сулејмани.
Со години вели сме сведоци на систем кој не само што ги експлоатира, ограбува и понижува граѓаните, туку и прави се да спречи и казни било каков обид граѓаните да се побунат и да го спречат тој однос. Оттука според него не е е чудо што се побројна е масата на луѓе на кои им е смачено да бидат жртви – и тоа е тоа што останува на „обичниот човек“ да прифати дека молчењето не е повеќе единствената опција и да се придружи на борбата за слобода, еднаквост и правда.
С.Б.

