Орелот и Крстот последно сценарио за закопување на Договорот од Пржино?
Веќе видено и ефтино сценарио и предизборна представа во режија на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Вака дел од аналитичарите, малите партии и невладините организации го опишаа поставувањето на Орелот и Крстот во скопски Бутел.
Во моментов се поставени камп шатори од страна на владејачката ДУИ во знак на протест на поставувањето на Крст во погореспоменатата општина. Тврдат дека ќе останат таму се додека не се повлече одлуката за изгрдаба на Крст на тоа место.
Старо и евтино сценариоОд невладините организации велат дека со посегнување по националните и верски чувства на граѓаните високи функционери сакаат да иницираат меѓуетнички тензии и да добијат предизборни политички поени.
„Тоа е последен обид на партиите за закопување на Договорот од Пржино и за избегнување на кривична одговорност, посочувааат од НВО Цивил.
Со реакции на случувањата и осуда на ваквите чинови излегоа помалите партии.
Од партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна партија се револтирани и велат дека повторно сме сведоци на една предизборна театарска претстава во режија на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во која доминираат мотиви од епско јуначки сцени за докажување на наводен патриотизам со цел да го регрутираат своето гласачко тело.
„Во изминативе години повеќепати сме се нагледале вакви опасни режирани состојби, како што беа, тешката провокација на МАНУ со едицијата на контраверзната енциклопедија, случувањата со црквата на скопското кале, протестите за споменикот на цар Душан, барањето на ВМРО-ДПМНЕ од своите гласачи да обезбедат 62 пратеници за да не бидат уценети од ДУИ и многу други примери, па се до сегашниве настани со поставувањето на двоглавиот орел во општина Чаир и на крстот во општина Бутел“, велат од оваа партија.
ВМРО-Народна партија укажува дека играњето на картата на создавање на меѓурелигиски и меѓуетнички високо ризични тензии е премногу голем и опасен влог кој може да доведе до сериозни нарушувања по безбедноста на граѓаните и загрозување на самиот опстанок на државата.
И од партијата на генерал Стојанче Ангелов „Достоинство“ ги повикаа двајцата коалициони партнери Никола Груевски и Али Ахмети да престанат да си играат со емоциите и со безбедноста на македонските граѓани, и на Македонците, и на Албанците.
„Премногу е провидна нивната игра. Никој повеќе не им верува, изјави Ангелов.
Според него, за да не дојде до меѓуетнички немири, потребно е споменикот со двоглавиот орел да се дислоцира на место каде нема да ги иритира етничките Македонци, а крстот како симбол на христијанството да не се користи за поткусурување.
МВР пак реагира и ги повика сите субјекти да се воздржат од креирање на сценарија со кои се добиваат ефтини политички поени, а на сметка на безбедноста и сигурноста на граѓаните.
Оттаму посочија дека злоупотребата на етничките и верските симболи што се случува деновиве може да има не само негативни политички и безбедносни импликации, туку и да ги поткопа процесите за фер, слободни и демократски избори апелирајќи до организаторите на овие случување да имаат предвид дека секое кршење на законите повлекува соодветни санкции.
Реакција и од Комисијата за односи со верските заедници
„Ги повикувам верниците од муслиманска и христијанска вероисповед да ги почитуваат начелата на верата. Тие добро знаат дека ниту орелот, ниту крстот можат да ги направат победници или поразени. Тие историски живееле во верска толеранција и соживот и самите меѓусебно знаеле да споделат заеднички моменти во добро и во зло. Ниту некогаш христијаните се собирале да протестираат против изградба на џамија, ниту пак, им пречела молитвата на имамот“, велат од оваа Комисија.
Oд владеачката ВМРО-ДПМНЕ засега молчат, и не ги коментираат настаните од Бутел.
Се поставува прашањето: Дали овие сценарија се навистина во режија на владеачките ДУИ и ВМРО ДПМНЕ само за да се одвлече вниманието на јавноста и да се замагли можна одговорност на високи владини функционери пред Специјалното обвинителство?
