Орав: Излезот од кризата не треба да се пролонгира со недели и месеци
Наоѓањето начин за излез од кризата треба да биде прашање на денови за главните партии, а не да се пролонгира со недели и месеци, изјави утрово во Скопје шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Аиво Орав.
Според Орав, рамката која беше поставена со договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од кризата и изрази сериозна загриженост од попречувањето на работата на СЈО и ги повика партиите да му пружат целосна поддршка. Мина повеќе од месец откако Собранието почна со работа по распуштањето, но не посведочивме некаков прогрес во поглед на длабоката политичка криза во која што земјата е западната, вели тој.
„Европската Унија е сериозно загрижена за ситуацијата. Стоиме зад идејата дека политичкото лидерство на земјата треба да почне отворен дијалог. Партиите треба да се согласат како понатаму да го имплементираат договорот од Пржино, вклучително и условите за кредибилни избори. Во последните месеци, владеењето на правото беше соочено со дополнителни предизвици, вклучувајќи ги аболициите кои што ги даде претседателот. Владеењето на правото е фундаментално за едно здраво демократско општество. Токму затоа, клучно е да се имплементираат итните реформски приоритети кои што ги предложи Европската комисија. Се уште сме загрижени за работењето на Специјалното јавно обвинителство. Ги повикуваме сите тела, поточно сите партии кои што се согласија да го формираат СЈО, да престанат со опструкциите и да му понудат целосна поддршка. Дополнително, сите предмети со кои што се занимава ова обвинителство треба да се адресираат приоритетно. Исто така потсетуваме дека демократијата се зајакнува преку целосно учество во институциите, со цел да се осигура демократското функционирање, како и контролата и балансот помеѓу трите гранки на власта“ - вели Орав.
Веруваме дека во интерес на замјата и нејзиниот евро-атлантски пат е главните политички партии да се согласат на заеднички пат кон излегување од кризата и тоа во рок од неколку денови, наместо недели и месеци, додава тој.
