Орав бара политички дијалог: „Македонија нема веќе време“
„Немате веќе време! Треба да се работи на сите точки за кои изразивме загриженост“, предупреди евроамбасадорот Аиво Орав, кој пред македонските пратеници денеска го образложи последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Според него, приоритет на агендата мора да биде враќањето на политичкиот дијалог, но и независност на судството и слобода на медиумите.
„Се радуваме поради најавата за враќање на ДПА, се надеваме дека и СДСМ ќе ги видиме во Парламентот што е можно побрзо. Исто така се надеваме дека и Владата и опозициските партии ќе отпочнат конструктивен дијалог во следните денови“, вели Орав.
За последниот бриселски извештај денеска расправаа членовите на Националниот совет за евроинтеграции и пратениците од комисиите за евроинтеграции и за надворешна политика. Повеќето од нив побараа опозицијата да се врати во Собранието.
Според потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграција Илија Димовски, одговорноста за забелешките од Европската унија треба да се подели меѓу институциите на власта, но и меѓу оние, кои според него, свесно работеле Македонија да не добие препорака.
Повик за враќање на опозицијата во Собранието упати и „одметнатата“ пратеничка Солза Грчева, која вели дека „ја признава фрустрацијата на опозицијата во услови на партизиран државен апарат, притисоци врз медиумите и корумпирано судство“, но според неа, „дијалогот опозиција- власт треба да почне“.
Претседателот на комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски верува дека дел од одговорноста за застојот на Македонија секако лежи во блокадата од соседна Грција. Тој смета дека излезот треба да се бара во прифаќање на мислењето на некои земји членки дека преговорите треба да започнат, а прашањето за името да се решава паралелно.
Слично
