Општините сакаат штедливи улични светилки, ама малку ги поставуваат
Општините се заинтересирани за заштеда на енергија преку енергетско улично
осветлување. Дваесетина локални самоуправи се пријавиле за учество во првата
фаза од проектот за заштита на енергија со ЕСКО компании. Маврово –Ростуше,
Василево, Валандово, Радовиш, Пробиштип и Македонска Каменица се општините кои
се избрани за првата фаза од проектот со различен вид на улично осветлување, од
нив две општини се со мали дистрибутивни центри за греење, соопштија денес на
прес конференција во Стопанската комора на Македонија.
Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија, Нехри Емрула, ги повика сите фирми кои сакаат да земат учество како ЕСКО компании, односно компании за енергетски услуги да земат учество на работилницата која ќе се оддржи на 15 Мај на тема: Програма за поддршка за енергетско улично осветлување.
„Повеќе од дваесет општини покажаа интерес за проектот, шест од нив се веќе вклучени во првата фаза од проектот за заштеда на енергија со ЕСКО компании. Исто така, јас се надевам дека и останатите општини од државата ќе се приклучат кон овој проект со кој локалната самоуправа ќе има голем придонес од енергетската ефикасност“, истакна директорот Емрула.
Координаторот на проектот на Европската банка за Обнова и Развој (ЕБОР), Здравко Стефановски на прес конференцијата го објасни проектот и моделите на ЕСКО компаниите.
„Сите фирми кои даваат енергетски услуги може да бидат ЕСКО компании, да бидат партнери со општините за овие проекти. Еско компаниите ќе ја носат целата финансииска одговорност за целото времетраење на Договорот. Општините преку заштеда на енергија ќе ја отпаќаат услугата месечно. Исто така фимите ќе сносат и гаранција за заштеда на енергија и за одржувањето на системот“, истакна Стефановски.
Исто така, Координаторот на проектот на ЕБОР потенцираше дека по завршувањето на договорот помеѓу ЕСКО компанијата и општината целата опрема останува во сопственост на јавниот партнер.