Економија, финансии, бизнис

Контакт

Општината Центар „покуса“ за осум милиони евра поради италијанските споменици

Општината Центар „покуса“ за осум милиони евра поради италијанските споменици
Околу 8 милиони евра оштетен е буџетот на општината Центар со јавните набавки за споменици од проектот „Скопје 2014“ покажува вториот дел од ревизијата на проектот. Направена од Драган Малиновски и Слаѓана Тасева, ревизијата покажала дека од јуни 2008 до јуни 2010 при изработка на скулптури се фаворизирале само две италијански фирми Пјетро Базанти и Фернандо Маринели и и на нив се дадени 11 јавни набавки. Според извештајот, иако имало поевтини понуди, не е јасно по кои критериуми тендерот го добиле посочените фирми. „Овие фирми биле фаворизирани на тендерите и речиси сите договори до 2010 година биле потпишувани со нив, а понудите на останатите фирми биле елиминирани без оправдано образложение. Италијанските фирми, пак, наплаќале и до 200 отсто повисока сума од онаа која ја предлагале другите понудувачи“, изјави Малиновски кои ова го нарече сериозно прекршување на Законот за јавни набавки. Двете италијански компании биле примени за учество на тендерите без да приложат банкарска гаранција. Ова за градоначалникот Андреј Жерновски  е  „школски пример за незаконски наместени тендери“, а извештајот ќе го достави до јавното обвинителство. „Власта проектот „Скопје 2014“ го најавуваше како најголем проект, но ќе излезе најголема афера. Фрапантен е податокот дека ако не биле ваквите постапки, општината ќе можела да заштеди 8 милиони евра. Ова е школски пример за незаконски наместени тендери. Власта велеше дека се работи за патриотизам, но овде не се работи за градење, туку за крадење“, истакна Жерновски. На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде како паушални и смешни ги посочија информациите за проблематично постапување со 8 милиони евра во општината Центар. Притоа го повикаа Жерновски веднаш да поднесе кривични пријави против оние за кои смета дека ги прекршиле законите. „За да заврши приказната за наводни злоупотреби во проектот, ВМРО ги повикува и првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска и тие да поднесат кривични пријави ако сметаат дека при реализацијата на проектот Скопје 2014 од страна на општината Центар, не биле почитувани законите“, стои во реакцијата.
Слично

Поврзани вести