Општина Битола: За АКТО нема пари оти се неблагодарни
Овогодинешното јубилејно десетто издание на АКТО Фестивалот за современа уметност, ќе се организира без финансиска помош од Општина Битола, затоа што властите сметаат дека организаторите на фестивалот не се благодарни за помошта.
"Поединци од некогашната група АКТО, веројатно без дозвола од останатите членови што си заминаа од групата, си го присвоија Фестивалот, па излегоа со изјави дека финансиите кои Општината ги доделува за нив биле незначителни. Оваа година износот предвиден за културни манифестации им е доделен на оние учесници на кои финансиската помош од Општината навистина многу им значи", се вели во одговорот на Општина Битола на прашањето на Вест.
Директотор Филип Јовановски пак вели дека тие во Општината аплицирале како АКТО проетк, а не како поединци, и затоа не може да се суди дали биле благодарни или не.
"Не знам кој тоа излезе со изјава дека средствата кои ги добива АКТО се незначителни, ако мислат на мојата изјава од минатата година дека 100.000 денари кои ги добивме од Општината се скоро колку да се донесе Мобилната/ монтажната галерија на ЦАЦ, која чинеше 95.000 денари, тоа е факт кој само ги покажува условите во кои се продуцира независна и современа култура. И наместо следната година да го зголемат буџетот, да помогнат во развој на современа култура и уметност, Општината на јубилејно издание на Фестивалот воопшто не дава поддршка, и тоа не со аргумент за квалитетот на предложената програма туку со аргумент дека тие средства ќе им ги даде на некои на кои повеќе им значат. Како АКТО покажа дека средствата од Општината не им значат?” – прашува Јовановски.
АКТО во текот на изминативе девет години добивал различна сума од Општината, како дел од битолското културно лето "Битфест", што финансиски го поддржува Општина Битола, а покровител е градоначалникот Владимир Талески.
